Македонија
На ГП Табановце за излез се чека 30-ина минути

На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција, времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути. На другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
Oд таму додаваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Дипломатскиот пасош не ѝ дава имунитет на претседателката на ДКСК

Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска. Дополнително, таа нема право да гласа или да врши распределба на предмети.
Димитровска завчера беше изведена пред Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје. Судијата, постапувајќи по предлогот на Обвинителството, ѝ определи мерки за претпазливост, вклучително и забрана за преземање на одредени работни активности.
Минатата година, Татјана Димитровска доби дипломатски пасош од Министерството за надворешни работи, со што ѝ беше овозможено да патува без чекање на пасошка контрола при влез и излез од државата. Иако и останатите шест члена на Комисијата побарале ваква привилегија, не им била одобрена.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во изјава за „Сител“ во емисијата „Тема на денот“, појасни дека поседувањето дипломатски пасош не носи автоматски имунитет и не може да влијае врз истрагата.
„Самиот дипломатски пасош на наш граѓанин не значи дека тој ужива било какви права поврзани со некоја форма на имунитет. Што значи дека истиот не може да влијае на самата постапка која се спроведува од нашите органи и во моментот кога ќе престане функцијата на таа поединечна личност, секако МНР ќе го одземе тој дипломатски пасош“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека, иако постои презумпција на невиност, од морални и етички причини Димитровска треба да поднесе оставка.
„Логично е кога сте опфатени со ваков тип на постапка, почитувајќи ја и презумпцијата на невиност, ова го велам пред сѐ како човек, не како министер – логично е да дадете оставка. Тоа не треба, според мене, да влијае на кредибилитетот на сите останати членови на таа комисија“, истакна Муцунски.
Македонија
АМСМ препорачува: Возачите да бидат внимателни по влажните коловози

Сообраќајот на сите државни патишта во земјава утринава се одвива непречено, информираат од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Според нивните податоци, коловозите на одредени места се влажни, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат на возачите прилагодување на брзината според условите на патот, строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација и зголемено внимание при управување со возилата. Особено внимателно треба да се вози низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност за појава на одрони.
Најризични за одрони се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
АМСМ дополнително информира дека мостот на реката Вардар, на регионалниот пат Р1312 кај Башино село, останува затворен за секаков вид на сообраќај.
Македонија
Пороен дожд, грмежи и град ќе го погодат Скопје и повеќе градови

Денеска нѐ очекува променливо и нестабилно време со сериозни услови за локално невреме, предупредуваат метеоролозите.
Според најавите, во текот на денот ќе има повремени врнежи од дожд, проследени со грмежи, а на одредени локации се очекува пороен дожд, засилен ветер и изолирана појава на град.
„Процесите ќе бидат поинтензивни на неколку места и може да се развијат во форма на краткотрајно, но силно невреме“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи. Најризични се попладневните и вечерните часови.
Минималните утрински температури ќе се движат од 5 во Маврово и во Берово до 12 во Гевгелија, а максималните дневни од 12 во Маврово и 25 Целзиусови степени во Гевгелија.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно, а во делови од котлината се очекува нестабилност со пороен дожд, силен ветер и појава на грмежи. Постојат услови и за изолирана појава на град. Температурата во главниот град ќе се движи од 12 до 23 степени.