Свет
Суспендирани сите комерцијални летови од Кабул

Сите комерцијални летови од меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул се прекинати, а властите ја повикаа јавноста да не создава метеж.
Според податоците на шведскиот портал за контрола на летање Флајтрадар 24, на два авиона од Њу Делхи им било наложено да го сменат курсот и да не летаат над територијата на Авганистан, пренесува ТАСС.
Авганистанската управа за цивилно воздухопловство (АЦВА) денеска објави дека воздушниот простор над Авганистан сега е контролиран од армијата, а АП наведува дека американската армија, која веќе го контролира аеродромот, ја презеде контролата врз воздушниот простор.
AЦВА ја потврди информацијата на шведскиот портал дека на авионите што летале над територијата на Авганистан им било препорачано да се пренасочат.
Американските и британските авиокомпании веќе престанаа да го користат воздушниот простор над Авганистан, откако бунтовниците ја презедоа контролата врз претседателската палата во Кабул.
Припадниците на талибанското движење го зазедоа главниот град Кабул, без отпор, во тек е контрола на владата и безбедносните служби, а авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Двочасовно патување ќе се скрати на минута: Чудото поради кое Кинезите исекоа планина

Мостот Хуаџијанг во кинеската покраина Гуиџоу, кој треба да биде отворен до крајот на септември оваа година, станува вистинска атракција.
По завршувањето, мостот Хуаџијанг ќе стане највисок во светот – ќе се издига 625 метри над кањонот на реката Бејпан.
For people and development, no mountain’s too high.
The Huajiang Grand Canyon Bridge, in SW China’s #Guizhou, connects villages and improves lives. @UpGuizhou pic.twitter.com/2pd5CplTW1
— Mao Ning 毛宁 (@SpoxCHN_MaoNing) August 1, 2025
Бројките се навистина неверојатни: вкупната должина на мостот е 2.880 метри, а челичната конструкција тежи над 22.000 тони.
Изградбата траеше малку повеќе од три години, а мостот ги поврзува градовите Лиужи и Анлонг, минувајќи низ непристапен терен што со децении е голем проблем за сообраќајот.
Гуиџоу е 92 проценти покриен со планини и карпи, што е катастрофа за секојдневно патување. Наместо да градат долги и кривулести тунели, Кинезите едноставно ги отстранија планинските врвови за да направат место за новиот автопат.
Преминувањето на овој кањон порано траеше речиси два часа, но мостот Хуаџијанг ќе го скрати тоа време на помалку од две минути.
Свет
Кремљ ги намали очекувањата за средбата Трамп-Путин

Кремљ денес соопшти дека не се очекува конечен документ по претстојната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, која ќе се одржи утре во Алјаска.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руската државна новинска агенција ТАСС и други медиуми, им изјави на новинарите дека таков документ „не се очекува“ по разговорите и дека ништо не е подготвено. „И малку е веројатно дека ќе има каков било документ“, додаде тој.
Песков, сепак, рече дека по самитот ќе се одржи заедничка прес-конференција и дека рускиот претседател ќе изложи „голем број договори и аранжмани што ќе бидат постигнати“.
Тој нагласи дека подготовките за самитот се направени во ограничен временски рок, додавајќи дека тековните разговори за војната во Украина се водат билатерално и дека ставот на Киев ќе биде разгледан во подоцнежна фаза.
Свет
Украина и Русија разменија заробеници, едниот од нив бил 4.000 дена во заробеништво

Украина и Русија извршија уште една размена на затвореници, објави претседателот Володимир Зеленски, при што еден од разменетите Украинци поминал повеќе од 4.000 дена во заробеништво.
„Нова размена, 84 лица“, напиша Зеленски на својот Телеграм канал и додаде дека меѓу нив има и војници и цивили.
Зеленски им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за помошта во организирањето на размената.
Штабот на Украина за прашања поврзани со воените заробеници соопшти дека ова е 67-ма размена од почетокот на војната. Се случи еден ден пред средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во американската држава Алјаска.
Киев соопшти дека се вратени 33 украински војници и 51 цивил. Размената се случила на границата со Белорусија.
Некои од затворениците биле држени во сепаратистичките региони на источна Украина контролирани од Москва помеѓу 2014 и 2022 година, вклучувајќи три жени од регионите Донецк и Луганск.
Киев соопшти дека еден човек бил држен во заробеништво повеќе од 4.000 дена од 2014 година.
Русија ја потврди размената. Руското Министерство за одбрана објави враќање на 84 руски воени заробеници. Сепак, соопшти дека 84 украински војници биле предадени, без да спомене цивили.