Македонија
Филипче разочаран од вчерашниот протест – беше полн со навреди и закани
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека е разочаран од вчерашниот протест кој беше организиран против новите мерки кои стапија на сила од денес, а на кој се говореше дека докторите се убијци, а новинарите се платеници. Тој смета дека од протестот не се слушнала никаква реторика или препорака за вакцините.
„За жал, тоа беше протест полн со навреди и закани за здравствените работници, тие кои ги жртвуваа животите, но и животите на своите семејства. Верувам дека сепак пораката за безбедноста на целокупниот систем, за вакцинацијата, за важноста да се заштити јавното здравје, треба да им е јасна на граѓаните. Ќе побарам и Лекарската комора да излезе со свој став и осуда за тоа што се случи вчера“, рече Филипче.
Со реакции и осуди излегоа десетици доктори на социјалните мрежи. Меѓу нив, специјалистот по детска хирургија Владимир Чадиковски и специјалистката по семејна медицина Марија Михајлова.
„Ова ги преминува сите граници. Ова не нè засега само нас, туку и сите наши колеги. Сите оние кои со изминативе две години спасуваат животи на тешко заболени од коронавирусот. Сите кои секојдневно ги жртвуваат своите животи, ги загрозуваат своите семејства и работат со пациенти заразени од коронавирус. Десетици колеги и починаа како последица на коронавирусот. Ова е ‘фала’? Извици со ‘убијци, убијци’? Ова е огромно разочарување, кое освен за медицинарите, е и за општеството. Секој има право на различно мислење, секој има право да си искаже како ги перципира состојбите, да се вакцинира или не. Но не и на вакви карактеризирања. Никој не бил принуден на лекарски третман, туку секој сам се јавува на лекување. А за ние да лекуваме, сме го посветиле цел живот на образување, кое трае и до денеска. Никој не бил натеран ниту на вакцинација, бидејќи секој сам си се изразува според негова волја“, напиша докторката Марија Михајлова.
Доктор Чадиковски ги повика демонстрантите да протестираат пред болниците, каде, како што напиша, можеби ќе ги убедат пациентите дека не се болни.
„Зошто протести пред Влада и Собрание, посоодветно е пред болниците со болни од ковид. Може ќе ги убедат дека не се болни! Огромна поддршка за сите колеги кои се бориме против овој вирус, кој ни го промени животот! Разбирам и поддржувам став, мислење, но ова е срамота“, реагираше Чадиковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.
Македонија
Поради одрон во тунелот, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива по една лента
Поради одрон во тунелот на автопатот Скопје-Велес, после Катланово, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, информира АМСМ.
Денеска и утре на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички зафат од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.

