Македонија
ЗНМ: Безбедноста на новинарите, фоторепортерите и снимателите на јавните протести мора да се гарантира
Здружението на новинари на Македонија бара од Министерството за внатрешни работи гарантирање на безбедноста на присутните новинари и сниматели, на протестите кои се одржуваат против новите антиковид мерки.
„Слободата на говор и правото на протест е загарантирано право и уставна категорија, меѓутоа кога со злоупотребата на овие права се загрозува безбедноста и животот на другите, во случајов новинарите, бараме итна превентивна реакција на институциите“, велат од ЗНМ.
Оттаму предупредуваат дека говорот на омраза кон одредена група може да поттикне насилство од омраза за кое кривичниот законик предвидува поголеми затворски казни. Исто така, новинарите кои се службено присутни на јавни протести со цел истите да ги проследат таму се на работна задача во интерес на јавноста и правото на информирање. Нарушување на нивната безбедност од јавни настани го ускратува и правото на граѓаните да бидат информирани, додаваат од ЗНМ.
„На вчерашниот јавен протест, организиран од страна на група граѓани поттикнат од новите мерки за превенција, беа упатени вулгарни пораки и груби навреди кон новинарите, а на тој начин индиректно ја загрозија безбедноста на новинарите и снимателите кои беа присутни да го проследат овој настан. Анонимните говорници на овој протест не само што самите преку својот говор ја загрозија безбедноста на медиумските работници, тие дополнително ја поттикнаа и присутната толпа да учествува во омаловажувањето новинарите“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

