Македонија
Околу 1.000 позитивни на Ковид-19 има и денеска, потврди министерот Филипче
Околу 1.000 новозаразени од коронавирус кои се тестирале вчера ќе има и денес, потврди министерот за здравство, Венко Филипче.
Истовремено, се отвораат нови ковид-одделенија во болниците, бидејќи се зголемува и бројот на хоспитализирани. Притисокот во тетовската Општа болница се намалил во текот на вчерашниот ден, но се очекува да се види каква ќе е ситуацијата денес.
„Денеска има околу 1.000 новодијагностицирани случаи. Во текот на вчерашниот ден беше целосно во функција ставено инфективното одделение во болницата 8 Септември. Има уште слободни кревети, но обезбедуваме простор во делот на интензивната нега. Од вчера, од попладневните часови, целосно во функција се стави и модуларната болница до Инфективната клиника. Има кадар од другите клиники, медицински сестри и помошен персонал. Таа болница има 60-70 кревети, десетина се веќе зафатени. Имаме и други капацитети кои се спремни“, рече министерот.
Според него, десетина проценти од новозаразените во текот на денот се вакцинирани, но и десетина проценти од вакцинираните се хоспитализирани.
„Од вкупната бројка на вакцинирани граѓани, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили, 0,002. Што значи дека главниот проблем е во граѓаните кои не се вакцинирани, немаме проблем во тие што се вакцинирани. И во други земји заболуваат, но за 20 пати е помал ризиокот од смртен исход. Сите заклучоци од студии и анализи, тоа е единствениот механизам за да се смени сликата“, додаде Филипче.
Сите кои прелажале, според Филипче, треба да се вакцинираат месец дена по инфекцијата.
Потсетување, вчера во земјава беа регистрирани 999 новозаразени со коронавирус и 14 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

