Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов и општина Карпош прават план погубен за Спортскиот центар „Борис Трајковски“
Мега скандал и невиден криминал во најава му се случува на Скопје и Спортскиот центар „Борис Трајковски“, обвини на денешната прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој на почетокот потсети дека Sпортскиот центар „Борис Трајковски“ е повеќе од арената.
„Дел од објектите се базенот, аква-паркот, тениските терени, картинг-патеката и лизгалиштето, со сервисни улички и соодветен паркинг“, кажа претставникот на опозициската партија.
Потоа, тој ги презентираше партиските сознанија за тоа што, како што кажа, планира да го направи Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев, градоначалникот на Карпош.
„Прво, проектира нов булевар, кој треба да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина. Тениските терени, на пола пресечени со улицата, ќе бидат целосно бескорисни. Овој булевар со стариот ДУП беше вцртан надвор од границите на sпортскиот центар“, посочи Андоновски и обвини дека тоа се прави заради градежни интереси, односно зголемување на маркицата за градење на соседната парцела.
„Децата и младите од спортските клубови и од базенот ќе излегуваат директно на прометен булевар“, додаде тој.
Исто така објасни дека според планот, се прави целосна пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот.
„Иако истите се легални и во сопственост на Република Македонија, тие на сликата обоени со жолто добиваат намена за домување. Повторувам намена за домување. Ве молиме видете ја жолтата боја од мапата на усвоениот план. Таа значи домување. Дали ова значи дека некој ќе си ја зголеми сопствената парцела со државен имот од највисоко значење – спортско значење? На тој простор ќе се градат огромни згради. Бетонска џунгла наместо спорт“, истакна Андоновски.
Според него, усвоениот план на Петре Шилегов ја менува и намената на големата спортска арена и базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
„Тие според овој план стануваат објекти од деловна намена, повторувам со деловна намена. Нема повеќе спорт во ‘Борис Трајковски’, ќе има бизнис и негово свесно уништување. Тоа го докажува портокаловата боја од мапата на регулацискиот план. Арената и базенот на СЦБТ се сега со друга намена, а не со намена спорт“, кажа претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради ова тој ги повика скопјани на масовност и побара на 20 август (петок) во 13:00 часот, во што поголем број да се појават во општина Карпош со цел, како што рече, да се спречи злосторот со донесувањето на овој план, со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.
Македонија
Оставка на Сабахадин Рустеми од „Комунална хигиена“ за да не влијае на истрагата
В.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахадин Рустеми, поднесе оставка од функцијата поради морални причини, соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
Адвокатот изјави дека оставката не е поврзана со признание на вина, туку со желба да не влијае на истрагата.
„Тоа е чин што ќе овозможи непречено водење на постапката. Ќе докажеме дека Рустеми нема никаква поврзаност со делото“, рече адвокатот.
Според него, постојат докази дека Рустеми презел активности за обезбедување механизација и ресурси, но дека неговите барања не биле одобрени од управниот одбор на претпријатието.
Рустеми и Аки Саити, управител за отпад во претпријатието, добија мерка притвор од 30 дена поради основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, како и опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

