Македонија
Над 40.000 граѓани се без лични карти, решение ќе се бара од септември
Блокадата на Законот за лични карти остави 40.000 граѓани без документ за идентификација.
Првата можност за одблокирање е први септември, кога пратениците се враќаат на работа во Собранието. Засега, нема друг начин како да се издадат овие лични карти, иако Владата бара решение.
Премиерот Зоран Заев посочи дека има опција како да се гласа за изборите, но се бара начин за граѓаните да можат со истечен личен документ да ги завршуваат и останатите потреби, како што се преземањето на пензиите од банките.
„За жал, Законот за лични карти е блокиран од Левица со амандмани, иако Беса беше флексибилна да го поднесе амандманот со одложено дејство од 2023 година. Но, Левица заклучи да го блокира и со таа блокада, патат, плачат и трпат граѓаните. Преку 40.000 лични карти не се издадени, а се поднесени барања од граѓаните. Некои од нив се првпат. Еден дел се истечени. Првата можност е со работа на Собранието на 1 септември да се изгласа и да се издадат тие лични карти. Втората работа е министерот за правда со сите други ресори да работат како да изнајдат начин, со одлуки, измени, правилници, критериуми да имаат можност и со истечена карта да се гласа. Граѓаните можат да гласаат покрај со лична карта и со пасош, ама сите немаат пасош. За да се заокружи тоа право, верувам дека ќе се изнајде решение. Сме имале пракса и во минатото поради истечена лична карта да не може да се издаде лична карта или од распишување на изборите кога истекле личните карти, се даваше можност и со истечен рок на важење на вакви документи да се гласа“, посочи Заев.
За него, проблемот е посуштествен од само гласањето на изборите.
„Проблемот не е само во изборите. Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки на граѓаните со истечени лични карти, па граѓаните немаат пензија, не можат да земат социјална помош, имаат здравствени потреби врзани со трансакциската сметка и личната карта и милион други потреби. Тука се бараат решенија, верувам ќе изнајдат“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

