Македонија
МВР со демант на изнесеното од ВМРО-ДПМНЕ: Со шпекулациите и штетат на Специјалната антитерористичка единица
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира и осудува шпекулациите изнесени најпрво на неколку портали, а во текот на денешниот ден и на прес конференција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во која се зборува за наводен скандал со наратив полн со шпекулации, без никакви факти и аргументи, што го покажува и нивниот мотив организирано да нанесат штета на институцијата, истовремено нанесувајќи штета на Специјалната антитерористичка единица и на лицето кое е на чело на оваа единица, стои во демантот од оваа институција.
Напротив, пишува во соопштението од МВР, само неколку часа по збиднувањето, во Извадокот од дневните настани на МВР од 17.08.2021, во кој се изнесени фактите дека на 17.08.2021 околу 01.45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска“ за место викано „Теферич“, при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија“, без регистарски ознаки, во кое биле две лица, возилото не застанало, туку продолжило со движење. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Се работи на расчистување на случајот.
Ова се фактите додаваат од МВР: иницијалите на двете лица во возилото не се ставени во информацијата, затоа што по нив се уште трага полицијата, лицата не се сопрени и легитимирани, тие се засега со непознат идентитет, затоа и не постојат иницијали во информацијата, на возило без регистарски ознаки не може да се утврди сопственикот, двете возила немаат физички допир за време на незгодата, во моментов се повикуваат на разговор лица кои би можеле да дадат дополнителни информации, значајни за расчистување на случајот.
„Се друго се инсинуации и тенденциозно пласирање на лажни вести, кои имаат крајна цел само да наштетат, не само на институцијата, туку и на конкретната истрага. Доколку поседуваат докази со кои можат да придонесат за расчистување на случајот, ги повикуваме да ги достават во Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди или Единицата за увид на сообраќајни незгоди при СВР Скопје. Професионална обврска на сите општествени чинители, вклучително и опозицијата е да се држат до фактите, а граѓанска обврска е да достават информации, факти и докази до надлежните служби за постапка која е во тек“, дообјаснуваат полициските служби.
Министерството за внатрешни работи, согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант, а невистинититите текстови да бидат повлечени, во спротивно ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање, стои во дописот од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

