Македонија
Мицкоски до кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ: Бидете достапни за секого, бидете штедливи
Наместо со политички говор кој ќе изобилува со критика, стереотипи, клише на нешто што е секојдневие овде во Штип но и низ цела Македонија, јас денеска одлучив, а така ќе биде и во текот на оваа кампања за локалните избори, да направам еден поинаков почеток во моето обраќање до Вас. И седнав вчера и напишав едно писмо до идниот градоначалник на Штип, а тоа е Иван Јорданов, истакна вечерва од Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Со писмото кое како што најави Мицкоски ќе биде негова пракса за претстојните избори, сака, како што рече, на кандидатот за градоначалник на Штип да му ја предочи одговорноста и обврската кон народот.
„Народот е длабоко разочаран од политичарите. Политиката се претвори во една нечовечка арена на бескрупулозна игра, на подмолни удари, местенки, процеси. На еден континуитет на патење, без резултати. На една мачнина кај луѓето кај кои, кога ќе се спомне политика се чувствува бодеж во стомакот и чувство на гадење.
Тоа се оние пораки кои го принудуваат народот да си мисли „крадеа претходните, крадат и овие“, истакна Мицкоски.
И јас, рече тој од Штип, како и секој еден нормален човек со чувство на гадење гледам на политиката во Македонија“, рече Мицкоски.
„ Доста беше од некадарни партиски паразити на власта да ги фаќаат местата на способните во општините и државната администрација. Доста беше од локални бизнис моќници, и новокомпонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните. И таквата брза заработувачка прави да имаме денес градоначалници кои станале кметови одлепени од народот затоа што канцелариите им се полни со куферчиња пари за брзи маркици за градба“, порача Мицкоски.
Според него, не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон.
„Кон трошењето на парите во општината мора да имаш пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста е расипништво какво што гледаме денес. Службени ручеци, гозби, на државна сметка платени од гладниот народ“ истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес илјадници луѓе остануваат без работа, а градоначалниците на власта ги штитат газдите кои немилосрдно печалат на трудот на работниците, додека работникот е незаштитен, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу на 11. турски медицински конгрес: Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска, се обрати на 11. турски медицински конгрес, кој се одржува во Анкара на покана на Министерството за здравство на Република Турција.
Во своето обраќање истакна дека нашата земја се соочува со истите предизвици, како и другите здравствени системи, а тоа е ограничен број специјалисти во клучни области, застарена инфраструктура, дигитални системи што функционираат, но не секогаш меѓусебно поврзано, здравствен кадар под огромен товар, а пред се, граѓани кои заслужуваат побрз пристап до здравствена заштита.
– Дигитализацијата е почетната точка на реформата. Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине. Таа не подразбира заменување на лекарите со компјутер, туку ослободување на лекарите од задачи кои никогаш и не им припаѓале. Воедно, дигиталните алатки му овозможуваат на еден систем со ограничени ресурси да прави скокови за кои порано беа потребни децении, потенцираше министерот Алиу.
Воедно, министерот истакна дека напредните здравствени системи веќе се фокусирани на новини како што се „дигитални двојници“ кои ги симулираат исходите кај пациентите, тријажа поддржана од вештачка интелигенција која открива ризик пред да се појават симптомите, роботска хирургија на далечина и геномска медицина прилагодена на секој поединец.
– Овие иновации можеби сè уште не се наша реалност, но тие се сигнали каде се движи светот и показател на што мора да се подготви секоја држава. Верувам во иднина во која здравството не е реактивно, туку предиктивно, не е бавно, туку интелигентно. Во таа насока се подготвува мојата земја. Тоа е иднината што можеме да ја изградиме заедно почнувајќи од сега, заклучи министерот Алиу.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.

