Македонија
Првите месеци од Законот за заштита на личните податоци ќе се користат за едукација и корекција
На состанокот кој утрово се одржа во Министерството за правда е појаснет начинот за имплементација на Законот за заштита на личните податоци и е појаснето дека првите шест месеци од имплементацијата на новиот Закон за заштита на личните податоци ќе бидат искористени за едукација и корективни мерки. На средбата на министерот за правда, Бојан Маричиќ, со засегнатите страни, односно претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија, Македонската банкарска асоцијација, претставник на Сојузот на Стопански комори, како и Агенцијата за заштита на личните податоци, по искажаната загриженост од страна на компаниите во однос на спроведување на новиот Закон, е појаснето дека во првите шест месеци од стапување на сила на истиот, Агенцијата за заштита на личните податоци на терен при своите суперревизии ќе делува едукативно, односно со корективни мерки. Ова се прави со цел на компаниите да им помогне целосно да ги спроведат новите правила. Дополнително, ако супервизорот утврди прекршување на законот, ќе се даде определен рок во кој субјектот треба да ги отстрани неправилностите, информираа од Министерството за правда.
Агенцијата во заштита на личните податоци ќе подготви и спроведе обуки за компаниите. Дополнително, ќе се изработи и упатство за правилно спроведување на законот. Агенција ќе отвори и посебна линија за комуникација, која ќе ја користат сите засегнати страни со цел да добијат точни и навремени информации за обврските кои произлегуваат од новиот закон.
По барање на засегнатите страни, во идниот приод ќе се направат и компаративни анализи за висината на казните за прекршоците кои произлегуваат од новиот закон, а доколку се утврди реална потреба за нивно менување, повторно ќе се отвори дијалог, велат од министерството.
Со ваквото појаснување, додаваат од ресорното министерство се излегува во пресрет на барањата на компаниите, а преку новиот Закон ќе се гарантира заштита на личните податоци на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

