Македонија
Таравари: Загрижува бројот на новозаразени со коронавирус во Гостивар

Зголемувањето на бројот на новозаразени лица во Гостиварско е загрижувачко и потребно е да се спроведат активности за континуирано почитување на мерките за заштита од коронавирус. Ова е оценката на кризниот штаб за подрачјето на Гостивар, која по неколкумесечна пауза, повторно се состана.
Претседателот на Кризниот штаб, Арбен Таравари, на состанокот истакнал дека ситуацијата е сериозна, но под контрола.
Тој најавил, како што стои во соопштението, дека Гостивар е подготвен на здравствените институции, за вакцинација на населението, да им отстапи свои простории, меѓу кои и спортската сала.
„На денешниот состанок дојдовме до следниве четири заклучоци: 1. Ситуацијата е сериозна, но под контрола; 2. Апелираме до граѓаните да се придржуваат до препораките на институциите; 3.Апелираме до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинацијата е најдобрата заштита од оваа болест; 4. Општина Гостивар ги отстапува своите капацитети за отворање на нови пунктови за вакцинација на територијата на Гостивар“, изјави градоначалникот на Гостивар, истовремено и претседател на Кризниот штаб во Гостивар, Арбен Таравари.
Во врска со ставањето во карантин на Гостивар, Таравари истакна дека ова не е во надлежност на локалната власт и додека локалните здравствени институции тврдат дека ситуацијата е под контрола, нема потреба од такво нешто.
„Внимателно го слушав директорот на болницата и претставникот на Здравствениот дом и среќен сум што ситуацијата е под контрола, има капацитет и независно како се гледа однадвор, вакцинација во Гостивар, внатре во Здравствениот дом се одвива без пречки. Ние како општина немаме надлежности за карантинска мерка и додека тоа не го побараат соодветните институции, нема да направиме такво нешто“, додаде Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се огласи антикорупциската комисија: „Продолжуваме редовно да функционираме“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се огласи по вклученоста на нивната претседателка, Татјана Димитровска, како осомничена во истрагата за случајот „Адитив“.
Од ДКСК велат дека во рамки на своите надлежности, продолжуваат да функционираат редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, се додава во соопштението на антикорупционерите.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и на неговото семејство.
Покрај тоа што и’ e одземен пасошот, кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за сите изборни сценарија – за локалните, но и за евентуални предвремени парламентарни избори

СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори така и за евентуални предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информира, процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на разни нивоа и десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.
„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се почнати иако не во сите општини со иста динамика имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.
Паралелно, додаде, почнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.
Филипче истакна дека СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период.
Македонија
(Видео) Филипче: Владината коалиција е нефункционална

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. Ваква е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во однос актуелните случувањата во владината коалиција.
„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче во одговор на новинарско прашање.
Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што, како што оцени, на повеќе нивоа е загрижувачки.
„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.
Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, како што реле, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.