Македонија
Лекарска комора: Пријавете ги лекарите кои шират псевдонаука и невистини за ефектите од вакцинацијата
Четвртиот бран на Ковид-19 зема сериозен замав, расте притисокот врз здравствениот систем за обезбедување на потребен третман на зголемениот број на новозаболени. Во такви услови Лекарската комора се обраќа до пациентите, здравствените професионалци, стручните здруженија и надлежните институции да преземат итни чекори за да се намалат штетните последици по здравјето на луѓето.
Оттука потенцираат дека секој здравствен работник има значајна улога во создавањето на јавното мислење и преку јавното споделување на лични ставови и мислења влијае на градењето на ставовите и мислењата на другите луѓе.
„Здравствените работници треба да споделуваат ставови кои се базираат на научно докажани факти и да се воздржуваат од промоција и споделување шпекулации и непроверени сознанија. Секогаш, а особено во услови на пандемија е важно здравствените професионалци во своите активности да се водат од етичкиот кодекс, Законот за здравствена заштита и медицината базирана на докази, дистанцирајќи се од какво било политичко или некој вид друго влијание“, додаваат од комората.
Во однос на личните ставови кои ги споделуваат доктори, а кои се насочени кон ширење на псевдонаука и невистини за ефектите од вакцинацијата, ефектот од почитување на мерките за заштита и опасноста од вирусот, Лекарската комора, согласно своите надлежности, може да постапува по добиена пријава и да ги утврдува фактите во секој конкретен случај во комуникација со сите засегнати страни, надлежните институции и комисии и стручните здруженија. Лекарската комора охрабрува ваквите случаи да се пријавуваат, со цел да може формално правно да постапува по нив.
Од Лекарската комора се децидни дека вакцинацијата е најефикасното решение за заштита од вирусот, која значително ги намалува шансите за да настане инфекција како и компликации од болеста.
„Научните докази ги потврдуваат овие сознанија, затоа не треба да постои дилема, туку секој кој нема апсолутни контраиндикации верификувани од стручно лице поврзани со вакцината треба да се имунизира што поскоро, бидејќи така ќе се заштити себеси и своите блиски. Секако ја потенцираме и неопходноста од почитување на мерките за заштита, како носење заштитна маска, обезбедување социјална дистанца и избегнување собири во затворен простор каде постои близок контакт“, велат од комората.
Лекарската комора во услови на непостоење на национални протоколи ги повикува надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија во чија надлежност е спроведувањето на континуираната медицинска едукација, а чија специјалност е од областите тесно поврзани со третман на заразните заболувања и спречување на нивното ширење, да споделат со јавноста стручни ставови за сите отворени прашања и дилеми, како би можело граѓаните заклучоци и ставови да градат на точни факти, а не на дезинформации. Непостоењето на вакви ставови, велат од комората, создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

