Македонија
Идри Истрефи кандидат на Алијанса за Албанците за Струга

Идри Истрефи од струшкото село Велешта е кандидатот за градоначалник на Струга на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тој е избран едногласно од огранокот на партијата Алијанса за Албанците во Струга. По професија е електроинженер, а вработен е во ЕЛЕМ. Според неговата биографија, Истрефи е член на Централниот одбор на Алијанса на Албанците, а има работено и на повеќе други функции во партијата. Од 1996 до 2005 година, односно девет години, бил и претседател на Советот на Општина Велешта.
За разлика од Истрефи кој е првпат кандидат за градоначалник, негов противник ќе биде актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко како кандидата на ДУИ. Партијата на Мерко очекува тој да биде победник и да го добие четвртиот мандаат во градот. Кривичните пријави против Мерко, но и неговото постапување спротивно на заложбите на Владата, со неспроведување на законите, не беа пречка за тој одново да биде кандидат.
За три мандати, против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, биле поднесени 14 кривични пријави. Кривичните пријави ги добил додека ја извршувал функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.