Македонија
(Видео) Митева: Објектот кај ТЦ Мавровка стана објект за прием на партиски функционери на СДСМ и ДУИ
Празните зборови се одлика на Шилегов, од сè што до сега кажа и вети видовме спротивни дејствија. Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци ја брануваше јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот, реагираше на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Објектот прво стана ‘државен проблем’ за потоа да стане ‘симбол за решеноста’ (на тогаш новата влада) која наводно ќе се бори против криминалот. Денес е доказ дека институциите се окупирани и во оваа држава правото не важи еднакво за сите. Денес можеме да заклучиме дека Шилегов го дефинираат ваквите дела кои јасно ја покажуваат неговата неискреност кон скопјани“, рече Митева.
Во едноминутно видео, посочи Митева, се гледа лага, манипулација и самоволие кои ги употребуваат СДСМ и ДУИ.
„Така е Петре, убаво кажано. Токму на ваквите (за тебе ситни) примери граѓаните можат да се уверат во вашата решеност, и на СДСМ и на ДУИ, дека правна држава со вас не може никогаш да има. За ситни популистички поени неколку дена по формирањето на Владата правевте драма пред локалот во ТЦ Мавровка, за сега да има нов објект, кој никна како феникс од пепелта и во кој се прави пречек на партиски функционери“, се обрати Митева.
Според неа, сите институции, општината, Шилегов и Заев тогаш, како што оцени, ја убедувале јавноста дека не знаат кој гради без дозвола кај ТЦ Мавровка.
„Па, во ‘потрагата’ тогаш се вклучи и Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје. Јавноста многу добро ги памети овие игри на СДСМ чија цел е да ја скријат реалноста. На изборите во октомври ќе можеме да ставиме крај на ваквиот начин на владеење“, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

