Македонија
Донација од компјутерска опрема во МВР за поефикасна контрола на лесното оружје

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан денеска ја промовираа новата компјутерска опрема која ќе овозможи поефикасно следење и контрола на малото и лесно оружје во државата. Опремата се состои од 74 компјутери, 52 печатачи и 50 скенери, кои ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи и полициските станици, со цел непречено и поефикасно функционирање на информацискиот систем на МВР. Донацијата се реализира како дел од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со поддршка на германската амбасада во Скопје.
„Ова е исклучително значаен проект во рамките на ‘Патоказот за контрола на мало и лесно оружје’, чиј потписник е и нашата држава. Имплементацијата на проектот ќе му овозможи на МВР побрзо и попрецизно да собира и анализира податоци за малото и лесно оружје во државата. На тој начин, нашата борба против овој вид криминал ќе биде поефикасна и веруваме дека ќе придонесе за зголемување на нивото на безбедност на граѓаните. Новиот полициски информациски систем во првата година ќе го користат околу 3.500 полициски службеници на различни нивоа, што ќе придонесе за побрза размена на информации меѓу секторите, а со тоа и за поодлучна и посеопфатна борба против нелегалната трговија со оружје“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Ова е втора донација на ИТ-опрема во рамките на проектот откако во октомври 2020 година беа испорачани 53 компјутери, 16 печатачи, 10 скенери и 25 специјални печатачи за дозволи за оружје. Покрај донацијата на опрема, во тек е развој на соодветениот софтвер за следење и контрола на малото и лесно оружје. Дополнително, во текот на септември ќе се одржат обуки за 250 вработени во МВР кои во пракса ќе работат во овој безбедносен сегмент.
„Главната цел е да се намали злоупотребата на малото и лесно оружје како една од најчестите причини за вооружените инциденти во државата. Донацијата на оваа опрема е само еден сегмент од целокупниот проект, кој ќе го надгради информацискиот систем на МВР, а преку развој и имплементација на Полициски информациски систем ќе обезбеди дигитализација и унапредување на оперативните процеси и ќе ја забрза институционалната размена на информации. Полицијата добива нова и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и незаконското поседување мало и лесно оружје, во насока на заложбите за унапредување на безбедноста во државата“, изјави Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП.
УНДП го реализира овој проект како дел од регионалната иницијатива „Патоказ за контрола на мало и лесно оружје“, чија основна цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, согласно европските и меѓународните стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Поставуваме две монтажни гаражи со 900 нови паркинг места

„И во наредните години ја ставаме животната средина и грижата за хигиената на прво место. Со набавка на две современи цистерни и пет нови метларки, значително го зголемуваме капацитетот за одржување на хигиената на територијата на општината. Повеќе нема да зависиме од градот и јавното комунално претпријатие“. Ова вчера го најави кандидатот за градоначалник и актуелен татко на Општина Центар Горан Герасимовски на отворањето на промотивниот изборен штаб во Центар.
Тој, потенцираше дека инвестицијата во хигиената е уште еден чекор кон создавање здраво и уредено опкружување, кое е предуслов за квалитетен живот на центарци. Герасимовски, рече дека хигиеничарите се најголемите херои кои деноноќно го чистат сметот од улиците кадешто надлежност има градот.
„Ги засукавме ракавите и самите го исчистивме сметот од улиците, хигиената ја подигнавме на едно повисоко ниво додека цело Скопје беше затрупано во смет. Пред две недели, изнајмивме и дополнителна механизација за да си ја исчистиме општината. Ете вака се работи за нашите центарци. Среќен сум што заедно со граѓаните ги креираме сите политики. Во новиот мандат предвидени се низа капитални проекти како изградба на дом за стари лица, административна зграда, градинка“, рече Герасимовски.
Герасимовски, пред присутните сподели и дека се предвидени две монтажни гаражи кои ќе обезбедат 900 нови паркинг места.
„Поставувањето на монтажни гаражи претставува директно решение за еден од најголемите проблеми во Центар. Ова значи помал хаос на улиците, значително намалување на непрописното паркирање, како и подобра урбана регулација – повеќе простор за пешаци и велосипеди, а помалку возила на јавните површини“, додаде Герасимовски.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС не може да има црвени линии, тоа е уште една лага како жицата од гитарата на Заев во која се колнеше

СДС не може да има црвени линии, тоа е уште една лага како жицата од гитарата на Заев во која се колнеше, кажа денеска на прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче или имаат многу лош ПР или мислат дека народот заборава кои се тие. СДС се партијата чиј претходен претседател и ментор на Филипче, Заев, викаше како ако го смени името ќе му се скине жицата, го смени, а од жицата ништо. Сега и Филипче си најде своја жица, ја нарекува црвени линии, а всушност се бонбона бизнис за Бугарија, државата од каде со Заев вртат милиони, од адреси каде фирма има и тој самиот. Венко Филипче праќа порака до Бугарите дека е спремен на се, и тоа народот го гледа. Никој не очекува од СДС и Венко национална политика, сите знаеме што се крие зад тоа, затоа и ќе бидат казнети на овие избори со историски најслабиот резултат“, рече Петрушевски.
Македонија
(Видео) Николовски: 90% лаги на Орце, од 30 каптални ветувања нема остварено ниту едно

Кандидатот за советник во Град Скопје од СДСМ, Емил Николовски, денеска на прес-конференција го критикуваше кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за „неисполнети ветувања“. Тој вели дека Кисела Вода станала симбол на застој и корупција.
„Орце ветуваше „Туристичко Драчево“, ревитализација на старата чаршија, уредување на пешачки зони и културна понуда за развој на домашен туризам. Но, четири години подоцна, населбата остана во запуштена состојба, без ниедна реконструирана фасада, без осветлување, без сигнализација, без туристичка понуда. Ѓорѓиевски ветуваше субвенции и проекти за изградба на зелени покриви на јавни и станбени објекти, како дел од борбата против загадувањето и урбаната топлинска изолација. Не само што не е имплементиран ниту еден зелен покрив, туку не постои ниту еден јавен повик. Една голема 0. Орце ветуваше велосипедски патеки, катни гаражи, базени, спортски сали – четири години само рендери и фотографии, ниту еден реален објект. Од 30 капитални ветувања во изборната програма, Орце нема испорачно ниту едно.“, истакна Николовски на прес-конференцијата.