Македонија
Спасовски и Османи ги промовираа базните станици за издавање пасоши во странство
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во просториите на МНР заедно ги промовираа базните и мобилните станици за изработка и достава на пасоши на нашите граѓани што живеат и работат во странство. Конечно, деценискиот проблем што го имаше нашата дијаспора, со поставувањето на овие базни станици во амбасадите на Република Северна Македонија се надминува и услугата за издавање на патни исправи за оваа категорија на наши државјани се олеснува и скратува.
„Досегашната постапка за издавање пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а нашата анализа покажува дека во некои случаи постапката се одолговлекуваше и над шест месеци. Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани, така и за министерството. Со поставувањето на базните станици претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности, финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено, ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели”, истакна министерот Османи.
„Со цел брзо и ефикасно остварување на правата на граѓаните кои живеат надвор од државата, со поставувањето на фиксните базни станици ќе овозможиме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време. И, што е најважно, задоволни граѓани кои ќе имаат подобар пристап до правото да добијат навремено личен документ, кој им е потребен за остварување на правата во државата каде живеат! Со ова ќе се намали и метежот на шалтерите на управните служби за време на летните месеци во нашата држава, бидејќи граѓаните истата услуга ќе ја добиваат во нашите конзулати во државите во кои престојуваат“, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
МНР има формирано пет тима, составени од вработени во министерството, кои ќе вршат обука и инсталација на базните и мобилните станици во амбасадите и конзулатите на Северна Македонија кои се мапирани дека се со најбројна популација и со најголеми потреби за овие услуги. Базни станици ќе се инсталираат во Минхен, Бон, Берлин, Брисел, Берн, Виена, Љубљана, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Торонто и Мелбурн. Инсталирањето на базните и мобилните станици се планира да заврши до крајот на октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

