Македонија
Словенија ќе ѝ помогне на Македонија со противпожарна опрема и обуки
Македонија и Словенија почнуваат стратешко партнерство во одбраната, а првиот фокус ќе биде техничка и материјална поддршка на нашиот противпожарен систем. Тоа е резултатот од билатералните разговори во Охрид меѓу министрите за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска и на Словенија Матеј Тонин, кои се одржаа во вилата „Охрид“ во Охрид, во рамки на официјалната посета на словенечкиот министер на нашата земја.
Посакувајќи му добредојде на министерот Тонин, Шекеринска рече дека не случајно го поканила во Охрид кој е еден од 28-те градови во светот кои УНЕСКО ги прогласи за светско културно и историско наследство.
„Претставувајќи Ви ја оваа убавина со која Северна Македонија се гордее, сакам да ја искажам благодарноста до Вас и до народот во Словенија што ни пруживте помош кога ни беше најпотребна“, рече министерката.
Како двајца министри за одбрана на земји членки на НАТО, посочи Шекеринска, состанокот го започнавме со нашата длабока загриженост и силна осуда на она што вчера се случи во Кабул, во Авганистан, во нападите во кои животите ги изгубија и војници и цивили.
„Детално разговарвме и за пожарите. Во владата донесовме одлука дека на системот му требаат реформи кои ќе ги води Министерството за одбрана а акцентот ќе биде ставен на опременоста и на обуките. Со колегата Тонин денес договоривме соработка на тоа поле бидејќи Словенија има огромно искуство и позитивни резултати во противпожарната заштита.
Словенечкиот министер Тонин истакна: „Посебно ме радува што денеска се среќаваме во Охрид, и баш тие охридски убавини поттикнаа нашите разговори да се продлабочат и да се уште по конкретни”. Изразувајќи поддршка за нашите евроинтеграции тој посочи дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и дека Словенија ќе стори се за да станеме полноправна членка.
„Ќе се потрудиме да им укажеме на бугарските пријатели дека е и во нивен интерес Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Убеден сум дека веќе и денес, партнерството помеѓу Словенија и Северна Македонија е некој вид стратешко, и верувам дека во блиска иднина, тоа ќе се формализира со потпис на договор за стратешко партнерство помеѓу двете земји”, изјави министерот Тонин.
Попладнево министрите ќе го посетат Берово чиј регион беше зафатен од пожарите и каде словенечките противпожарни единици помагаа во гаснењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Орбан и Мицкоски го шират влијанието на Балканот
СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во регионот, предупредувајќи на ширење на унгарското влијание врз клучните економски и енергетски сектори на Балканот. „Политичката и бизнис спрега на релација Орбан–Мицкоски влијае и врз Македонија“, се наведува во соопштението на партијата.
Во Давос, премиерот Мицкоски немаше средба со ниту еден висок европски или светски лидер. Видеата кои сам ги снимаше покажуваат дека имал само неколку кратки средби со партнери, меѓу кои и сопственикот на унгарската 4iG.
СДСМ укажува дека унгарската енергетска компанија MOL, блиска до Орбан, потпишала прелиминарен договор за купување на 56,15% од акциите во српската нафтена индустрија (НИС), која досега беше под контрола на рускиот Газпром. „Овој обид не е само бизнис потег, туку е дел од Орбановиот план за контрола врз енергетските ресурси во регионот“, се вели во соопштението.
Партијата посочува дека Орбан преку унгарски компании веќе инвестира во банкарскиот сектор во Србија и други области на бизнисот, а сега се фокусира и на енергетскиот сектор, вклучително планови за нафтовод меѓу Србија и Унгарија и зголемени испораки на нафта поради санкциите. Двете земји, според СДСМ, и понатаму одржуваат блиски односи со Русија, иако тоа е спротивно на политиката на ЕУ.
„ВМРО продолжува да копира модели од Фидес и СНС, злоупотребувајќи ја власта за лични и партиски интереси“, предупредуваат од СДСМ, додавајќи дека ваквите чекори ја загрозуваат европската иднина на Македонија. Партијата повикува на будност и заштита на националните интереси од странски влијанија.
„Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од овој круг на корупција и авторитарност. Борбата за праведна и европска Македонија продолжува!“, велат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче имал желба за приватна болница, па смислил план да му ја земе на Жан Митрев
Во СДС ништо ново. Случајот кој неодамна почна да се обелоденува пред јавноста, за кој сопственикот на приватна болница, д-р Жан Митрев се произнесе на национална телевизија за тоа како сегашниот претседател на опозициска СДС, Венко Филипче, и екс премиерот, Зоран Заев, е уште еден пример кој сведочи за начинот на кој претходната власт владееше, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче како министер за здравство, имал желба да има приватна болница, а бил и подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за да ја исполни истата.
Тој и неговиот ментор, смислиле шема, како на легален начин, да му ја одземат приватната болница на д-р Жан Митрев.
Му било кажано, дека ќе му помогнат во судскиот спор, и ќе го ослободат од обвиненијата против него, затоа што во тој момент д-р Жан Митрев имал отворен судски процес против него, па му биле блокирани личната и сметката на болницата, а имало и забрана за продавање на болницата.
Откако брзата птица итрица Заефче смислила план, на Митрев му било дозволено да продава удели во болницата.
Фактот што Филипче бил министер во време кога трансферите од државата кон болницата драстично растат, сопственикот имал притисоци и понуди за помош во судски постапки е уште еден доказ за животното мото на Заефче, кадија те тужи кадија те суди.
Најверојатно, за откако Филипче ќе ја одземе болницата, да си наследи веќе профитабилен бизнис.
Филипче да се занимаваше малку со тоа што е во описот на функцијата министер за здравство, со јавните интереси, немаше да го доведе здравството на колена.
Затоа, за овој случај, ЈО треба да ги разгледа индициите за изнуда и сторен криминал“; се вели во соопштението.
Македонија
На Попова Шапка има 30 сантиметри снег
Со измерена температура од -4 степени Целзиусови, Берово утринава во 7:00 часот беше насјтуденото место во земјава по што следат Попова Шапка и Крива Паланка со -3 , -2 степени се измерени во Пожаране и Тетово, -1 во Скопје-Петровец, Тополчани и Маврови Анови, 0 степени во Велес, Демир Капија, Битола, Претор, Скопје-Зајчев Рид, Кавардарци и Прилеп, 1 во Kрушево, Штип, Охрид и Виница, 2 во Куманово и Гевгелија, а најтопло беше во Струмица каде е измерена температура од 3 степени Целзиусови.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), највисока измерена снежна покривка од 30 сантиметри утринава во 7:00 часот има на Попова Шапка, 11 во Маврови Анови, а 4 сантиметри се измерени во Крушево.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12 степени Целзиусови.
И во Скопје ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла, попладне со сончеви периоди. Максималната температура ќе достигне до 7 степени Целзиусови.

