Македонија
Заев: ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија и очекувам да најде начин да го деблокира проширувањето

Претседателот на Владата, Зоран Заев, учествуваше на Европскиот форум Алпбах, кој оваа година е посветен на три теми: „Обезбедувањето на иднината на Европа“, „Финансирањето на иднината на Европа“ и „Климатските промени“.
Преку интернет-видеоконференциска врска премиерот Заев учествуваше на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина и за Западен Балкан и во своето воведно излагање истакна дека членството на земјата во ЕУ е перспектива и без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија.
„Посветени сме целосно на овој процес затоа што нѐ водат европските вредности, кои се и наши вредности и кои со сите политики што ги имплементираме ја остваруваат европеизацијата и тоа е нашата најсилна мотивација. Целта на Република Северна Македонија не е членство заради членство, туку заради постигнувањето на стандардите и имплементацијата на тие стандарди во сите сфери на нашето општество“, нагласи премиерот Заев.
Дека земјата е на вистинскиот пат и дека ги исполни сите критериуми, додаде премиерот Заев, беше потврдено со одлуката и препораката на Европската комисија до Европскиот совет на 20 март 2020 година, поддржана од сите земји членки на ЕУ, за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, чија организација потоа беше блокирана од Република Бугарија.
„ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања што беа отворени по неколку децении, како што беа договорот од Преспа со Грција и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан“, потенцира претседателот на Владата, Зоран Заев, на Европскиот форум „Алпбах“.
Тој додаде дека сите земји членки се едногласни оти Северна Македонија испорача и дека ЕУ остана должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите и се надева дека тоа ќе стане реалност штом Бугарија формира функционална политичка влада и изрази надеж дека на самитот за Западен Балкан во Љубљана на 6 октомври ќе има сериозно придвижување на блокираното проширување на ЕУ.
Меѓу прашања од аудиториумот на Форумот особено внимание беше посветено на иницијативата „Отворен Балкан“ за која премиерот Заев потенцира дека не е алтернатива за членството во ЕУ, туку процес што ги забрзува евроинтеграциските процеси во земјите во регионот, кој го поврзува Западен Балкан според принципите на ЕУ и кој остварува огромен придонес во јакнењето на пријателството и соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.