Македонија
УНИЦЕФ: Одговорност е на целото општество училиштата да бидат безбедни и отворени
УНИЦЕФ го повикува целото општество да вложи напори училиштата да останат безбедни и отворени. Оттаму велат дека најдобрите интереси на децата мора да бидат централни за секоја одлука во врска со работењето на училиштата. Исто така, мора да се земат предвид епидемиолошката состојба со Ковид-19 и еволутивното разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но училиштата мора секогаш да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога тоа е безбедно да се направи.
„Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите – вклучувајќи јазична и математичка писменост, дигитални, претприемачки и вештини за работа. Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата дa останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
Дури и во заедниците со највисоки стапки на Ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува да се разгледаат сите опции за продолжување на наставата со физичко присуство.
„Ковид-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст. Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета врз образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски“, рече д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија.
Проценувањето на ризикот од пренесување на локално ниво треба да биде земено предвид при носењето одлуки за работење на училиштето. Но, затворањето на училиштата на национално ниво мора секогаш да биде последно прибежиште кога нема други алтернативи. Освен во најекстремни случаи, ризиците кога децата се надвор од училиште се поголеми од ризиците кога се на училиште поради три клучни причини:
1. Затворањето на училиштата негативно влијае на учењето, здравјето и благосостојбата на учениците во критичните развојни фази со длабоки последици за секое дете, неговото семејство и нивната економија. Многу од овие деца никогаш нема да фатат чекор;
2. Со воведување мерки за ублажување на ризикот училиштата се безбедни средини за децата. Најновите докази покажуваат дека училиштата не го поттикнуваат ширењето на Ковид-19 во заедницата и Ковид-19 не претставува висок ризик за децата;
3. Затворањето на училиштата има големо негативно влијание врз најранливите деца, кои имаат многу помали шанси за пристап до далечинско учење и почесто се изложени на насилство, злоупотреба, занемарување, детски труд и брак и други ризици.
Токму затоа, како што додаваат, целото општество има одговорност да го намали преносот на вирусот во заедницата, за децата и младите да може да продолжат да учат на вистинското место, а тоа е во училницата. Сега, повеќе од кога било, целото општество мора да даде приоритет и да покаже национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени. Сите треба да дадат свој придонес следејќи ги превентивните мерки и протоколи, носејќи маска, практикувајќи хигиена на рацете, физичка дистанца и вакцинирајќи се против Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

