Македонија
Левицата: Во предизборие Шилегов реконструира веќе реконструиран дел од кејот на Вардар

Tрадиционално, пред избори, Скопје се претвора во огромна градежна парцела, каде што скопските градоначалници меѓусебно се натпреваруваат кој ќе раскопа повеќе улици во обид да ги убедат скопјани дека заслужуваат уште еден градоначалнички мандат, обвини Левица.
„Пред некој ден, по којзнае кој пат, од страна на градоначалникот Петре Шилегов беше промовиран штотуку реконструираниот кеј на Вардар, кој не толку одамна исто така беше реконструиран и промовиран и од поранешниот градоначалник Коце Трајановски.
Покрај чудната околност дека секој скопски градоначалник добива желба да го реконструира овој дел од кејот на Вардар, зачудува фактот дека на само десетина метри оддалеченост од овој дел од кејот, на потегот ГТЦ -‘Веро Џамбо’, се наоѓа исто така дел од кејот, кој, меѓутоа, е заборавен и целосно запуштен.
Иако се наоѓа во центарот на градот, на место на кое секојдневно има голема фреквенција на пешаци и велосипедисти, овој дел од кејот е со скршени плочи, со смет и ѓубре и е опасен за движење. Сето ова покрај тоа што укажува на немање визија за потребите на Скопје и скопјани, укажува и на тоа дека очигледно мотото на градоначалникот Петре Шилегов е ‘не е важно што, важно е нешто да се работи’“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека средствата потрошени за реконструкција на старо-новиот кеј можеле да се искористат за реконструкција на оној дел од кејот што е навистина во очајна состојба.
„Скопјани се сведоци дека до сега сите градоначалници, вклучувајќи го и Петре Шилегов, традиционално засукуваат ракави пред избори почнувајќи ситни поправки на улици и ситни проекти, колку да се каже дека нешто се работи, дури и ако нема реална потреба од тоа, вистинските потреби на градот се запоставуваат, а големи и битни проекти изостануваат“, се вели во соопштението.
Градоначалникот треба да работи во текот на целиот мандат, посочуваат од Левицата, а не три години од мандатот да го троши за уживање во градоначалничките привилегии. Тековните работи, кои се негова надлежност, треба да умее да ги разбере како редовна обврска, а не како ад хок проекти за сликање пред избори, додаваат од партијата.
„Време е да се стави крај на тоа! На Скопје му треба некој што ќе работи за време на целиот мандат, некој што нема да крпи улици колку да може предизборно да се фотографира, некој што ќе го разбуди з,аспаниот градски шмек“ порачуваат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шалтерите на ЈП Водовод и канализација – Скопје утре нема да работат

ЈП Водовод и канализација – Скопје известува дека на ден 11.10.2025 година ( сабота ), по повод државниот празник, Ден на народното востание на македонскиот народ, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
Во понеделник, 13.10.2025 година, се продолжува со редовно работно време.
Македонија
Манасиевски: Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани наместо во затворски притвор, доби куќен притвор

Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани кој е близок до Заев и Филипче наплатил по 16.000 денари за час ископ со машини во РЕК. Криминалот кој траел со години и кој заврши со испумпување на над 200 милиони евра од тендери од РЕК и ЕСМ сега е на пат да биде амнестиран. Нема да дозволиме судството на СДС и ДУИ да ги ослободува криминалците кои ја украдоа државата. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?“, рече тој.
Манасиевски најави дека во наредните неколку денови ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со објавување на, како што кажа, криминалите на Марковски компани, за целата јавност да се запознае како е ограбувана Македонија.
Македонија
Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатката за негова наследничка во Општината од ВМРО – ДПМНЕ, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
„Овде зад нас обезбедивме градежна парцела за изградба на новата поликлиника, а целосно е изработен и основниот проект според кој новата зграда ќе се простира на . Објектот ќе биде лоциран токму на оваа локација, зад нас, зад постојниот паркинг во Расадник на централна и достапна локација за сите наши жители. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе биде интерна медицина, кожно, гинекологија, ординација за уво нос и грло заедно со административни простории“, рече Ѓорѓиевски.

Поликлиниката ќе биде на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат, рече Ѓорѓиевски
Парите за изградба на поликлиниката во Расадник ги обезбеди Владата. Заменик – министерот за здравство, Јовица Андовски, вели дека ќе биде објектот ќе биде сличен со неколкуте објекти што ги најавија изминативе месеци.
„Проектот ќе биде сличен како оној во Бутел што го потпишавме договорот, како што се изгради во Илинден, во Зелениково сме во завршна фаза со градење на поликлиника. Парите се обезбедени од Владата, односно од унгарскиот кредит. Сметаме дека е многу значајно граѓаните да имаат здравствена заштита поблиску до нивните домови. Со тоа нема да мораат да одат во другите општини за да го остварат правото на здравствена заштита“, рече заменик-министерот Андовски.
Стаменкоска – Трајкоска на граѓаните на Кисела Вода им вети дека ќе одржи континуитет на промените што се случуваа во изминатите четири години. Ќе изгради пешачко – велосипедска обиколка на Кисела Вода, ќе работи на проекти за здрава животна средина, на проекти за квалитетно образование, реконструкција на училишта и ќе ги продолжи сите почнати проекти.