Македонија
Се породи трудницата од Авганистан која по слетувањето во Македонија беше префрлена во болница
Се породи трудницата од групата Авганистанци кои синоќа пристигнаа во Македонија. Таа беше првиот патник што се симна од авионот, по што со возило на итната медицинска помош беше однесена на Клиниката за гинекологија во Скопје.
Од Владата соопштија дека жената заедно со бебето е во добра состојба.
Во друг случај е укажана помош на жена која колабирала при слегување од авионот и таа е во стабилна состојба и се чувствува добро.
„Во текот на наредните денови заедно со ПЦР-тестовите ќе се направат и прегледите за проценка на здравствената состојба на граѓаните од Авганистан. Планирани се интернистички прегледи за повозрасните и педијатриски преглед за децата. Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР-тест и можност за вакцина“, соопшти Владата.
Волонтери на Црвениот крст им поделија пакети со вода, заштитна маска, средство за дезинфекција, маски, основни хигиенски производи, облека, како и флаери за мерките во нашата држава поврзани со Ковид-19 вирусот. Во хотелот им беа дистрибуирани пакети за добредојде со дополнителни количини маски, средства за дезинфекција, инфоматеријали за градот Скопје, мапа на град Скопје, евидентни листови за посебни барања во однос на здравствената состојба, картички со телефони на Црвениот крст за итни состојби и кутија локум. Црвениот крст во хотелот има 30 дежурни лица, волонтери организирани во три смени кои се на располагање на граѓаните. Учествуваат во подготовка на детско катче, подготовка на инфокатче со 10 лаптопи и интернет-пристап. Тие ќе се грижат за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, обувки. Ќе бидат вклучени во активности за спојување на семејствата и за да пружат медицинска заштита во однос на лекови за хронична терапија. По барање и потреба на граѓаните на располагање има и психолог.
Извршени се потребните гранични процедури и на лицата им е издадена виза за престој на територијата на Република Северна Македонија во времетраење од 90 дена. По привремениот престој во Македонија тие треба да заминат кон САД или трета земја како нивна крајна дестинација.
Владата презеде обврска да обезбеди привремен престој на 780 граѓани на Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО-сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Трошоците за превозот и за сместување на овие граѓани ги покриваат меѓународните организации и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

