Македонија
Министерството за здравство: Смртноста на пациенти со Ковид-19 драстично голема во градовите во кои има мал процент вакцинирани

Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид-бран, во периодот од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со Ковид-19 имало во градовите во кои имало најнизок процент вакцинирано население.
Според тоа, во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово, каде што опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 %, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово го пречека бранот само со 19 % вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, односно 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува речиси 37%. Слична е состојбата и во Гостивар, каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30 %, а бројот на починати од Ковид-19 е 73.
„Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази, кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце и Богородица, се чека околу половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од општините Студеничани, Шуто Оризари и Карпош без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Патишка река, Елово, Црн Врв, Малчиште, викендици Држилово, Краст Јаболце, ХПП Патишка Река, општина Студеничани;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улицата Метохиска, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од село Бардовци и кај викенд населбата, општина Карпош.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен водоводен дефект од ф 2”( цола) на улицата Коста Шахов бр.13 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Коста Шахов, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување.