Економија
Отворен реновираниот Бит-пазар – инвестиција вредна 250 милиони денари
Реновираниот центар Бит-пазар прераснува во најголемиот пазар во државата, место каде што може да се најде сѐ на едно место, беше истакнато на денешниот настан по повод отворањето на новата инвестиција во износ од 250 милиони денари на „Скопски пазар“ АД Скопје.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата ги поддржува капиталните инвестиции што имаат трајна вредност и ги подобруваат условите за работа на граѓаните.
„Со буџетски средства и со поддршка на меѓународните финансиски институции спроведуваме проекти конкретно насочени кон развој на општините. Дополнително, позитивната слика за деловниот амбиент се токму новите инвестиции од приватниот сектор, како во случајот инвестицијата на ‘Скопски пазар’. Нашата главна цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живеење како на централно така и на локално ниво. За 4 години изградени се: 60 градинки, 80 училишта, 56 објекти за полицијата и 34 здравствени установи. Дополнително се градат над 1.040 километри патишта – автопати, магистрални и регионални патишта“, истакна премиерот Заев.
Првиот вицепремиер Артан Груби истакна дека Скопје денес е тоа што секогаш сме сонувале да го имаме – едно за сите, и лево и десно, сепак цело, а не наше и ваше.
„Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој со години функционира, би рекол, како импровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Бит-пазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој, поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија, е препознатливо место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат“, истакна вицепремиерот Груби.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, истакна дека оваа инвестиција е од огромно значење за нашиот град бидејќи претставува огромен чекор напред и во уредувањето на овој простор, кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за нашите сограѓани, кои секојдневно ги користат нивните услуги.
„Град Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговците и еснафот на Старата скопска чаршија, како што знаете, подолго време се обидува да воспостави ред на хаосот што се случуваше на јавните површини, а пред сѐ, на тротоарите и на велосипедските патеки околу пазарот. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување нова урбана опрема, жардинери, заштитни столпчиња, како и обнова на булеварското зеленило на булеварот Крсте Петков Мисирков, кој исто така го реконструиравме од ‘Мавровка’ до Бит-пазар“, рече Шилегов.
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, истакна дека оваа инвестиција е крајно добредојдена за нашите граѓани, за нашиот Чаир, за бизнисите што ќе работат тука.
„Ветуваме и исполнуваме. Со оваа единствена реченица би го опишал пуштањето во употреба на новиот и реконструиран капацитет на Бит-пазар. Денес сме сведоци на успешна инвестиција во нашата Општина Чаир, која тежи не помалку од 250 милиони денари. Но, она што дава уште поголема тежина се создадените паркинг-места, кои ќе помагаат многу во олеснување на сообраќајот“, потенцира Ганиу.
Младен Дамев, генерален директор на „Скопски пазар“, истакна дека со реконструкцијата се опфатени 630 тезгиња и 175 локали, кои се целосно реновирани и дизајнирани да ги задоволат потребите на купувачите за секаков вид трговска стока.
„Со оваа инвестиција се комплетира обемната развојна инвестициска програма и претставува квалитативно менување на функционалноста и изгледот на Бит-пазар во еден современ стопански пазариштен центар. При исполнување на зацртаната цел, ова што денес го гледаме тука, приоритетно ни беше со ефективно искористување на овој и така атрактивен деловен простор да создадеме центар што ќе ги задоволи потребите на купувачите и корисниците. Постигнавме значајно зголемување на понудата со добра и услуги на пазарот, притоа овозможувајќи комплетни услови за лесно достапно и безбедно пазарење. И ова е само почеток на обемниот инвестициски циклус, со кој ќе го обележиме големиот јубилеј 70 години ‘Скопски пазар’“, истакна Дамев.
Во согласност со информациите на менаџментот на „Скопски пазар“, моментно исполнетоста на Бит-пазар со отворени тезгиња и дуќани изнесува 97 % од вкупниот капацитет, а дневно низ пазарот циркулираат околу 20.000 граѓани. Со овие капацитети Бит-пазар важи за најголемиот и најмодерен пазар во државата и центар на трговскиот живот во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

