Македонија
Лефков: Власта на Заев дозволи криминалците наместо во затвор, да бидат на слобода и да хараат низ Македонија
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес-конференција обвини дека на местото на сообраќајната несреќа што се случи вчера пред Стража, стигнале вработени во Агенцијата за национална безбедност за кои има сведоштва дека се обидувале да прикријат информации за сообраќајката.
Во однос на тоа што еден од учесниците во несреќата бил Зоран Милевски-Кичеец кој е осуден во „Рекет“, Лефков вели дека наместо во затвор тој бил на слобода и учествувал во сообраќајна несреќа со фатални последици што значи дека „Зоран Заев е во брак со подземјето“.
„Фактот што е на слобода Зоран Милевски Кичеец кој учествувал во сообраќајната несреќа, власта го правда со контрадикторни изјави. Еднаш велат дека тој е на слобода поради здравствени проблеми, после тврдат дека тоа е поради семејни причини. Очигледно дека власта на Заев се обидува нешто да забошоти и нешто да прикрие. Кој ќе сноси одговорност за ова, прашуваме? Заев? Маричиќ? МВР на Спасовски? Или АНБ? Две лица загинаа во сообраќајната несреќа, а шест се повредени. Сведоци сме дека на слобода се пуштени и други лица од подземјето, што говори дека овие лица ќе бидат искористени од страна на Заев за претстојните избори, и тоа ќе бидат искористени да вршат поткуп, притисоци и заплашувања на граѓаните со една единствена цел, а тоа е да го ублажат поразот на СДСМ“, додаде Лефков.
Тој рече дека за да се спаси Македонија од криминал Заев треба да биде поразен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)

