Економија
Ангеловска-Бежоска: Народната банка ќе продолжи со водењето олабавена монетарна политика

Една од лекциите научени од Големата финансиска криза од 2008/9 година е дека поддршката за економијата од носителите на политиките, вклучително и од централните банки, не треба да запре пред време, пред да има солидна и одржлива динамика на обновување на економскиот раст. Закрепнувањето од досегашните шокови од корона-кризата е во тек, но неизвесноста во врска со пандемијата и нејзините влијанија врз динамиката на економското заздравување сè уште постои и потребна е натамошна поддршка од носителите на политиките. Користејќи го сè уште расположливиот простор за монетарен стимул, Народната банка ќе продолжи со водењето олабавена монетарна политика, со тоа давајќи поддршка за македонската економија во нејзиното закрепнување.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вчера, на панел-дискусијата на тема „Макроекономските политики и јавните финансии во време на постпандемија“, на Првата годишна конференцијa на Министерството за финансии – „Економско заздравување и раст по ковид“, во рамките на Економскиот и финансиски форум.
Во дискусијата, гувернерката истакна дека, сепак, просторот за водењето олабавена монетарна политика не е неограничен и дека воопшто централните банки секогаш мора да внимаваат и на можните несакани ефекти и ризици од предолг период на олабавување на монетарната поставеност.
„Накусо, иако преку монетарната политика се обезбедува дополнителен стимул за економијата, за да се постигнат долгорочни позитивни ефекти, потребно е да се задржи вниманието и на структурните и на трансформациските политики, коишто се клучни за зголемување на потенцијалот за раст.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.
Во однос на поставената на монетарната политика, таа нагласи дека со оглед на монетарната стратегија за де факто фиксен девизен курс, просторот за приспособување на политиката зависи првенствено од два клучни фактора: официјалните девизни резерви и ценовната стабилност. Притоа, се осврна на актуелните состојби и меѓу другото посочи дека според сите стандарди, девизните резерви остануваат соодветни за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
На панел-дискусијата, којашто ја водеше шефот на Одделот за економија, градење на институциите и прекугранична соработка при Делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат, гувернерката Ангеловска-Бежоска говореше и подетално за мерките на Народната банка и ефектите од нив од избувнувањето на ковид-кризата наваму, како и за кондицијата во којашто се наоѓа банкарскиот систем според најновите показатели. Притоа, нагласи дека показателите укажуваат на простор и за натамошна кредитна поддршка за економијата од страна на банкарскиот сектор, при што секако треба да се има предвид и потребата од негова претпазливост.
На панел-дискусијата, покрај гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, министрите за финансии на Косово и на Албанија, Хекуран Мурати и Анила Денај и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РСМ, Тимчо Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)
Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .