Регион
Србија надмина 5.000 заразени на дневно ниво, се најавуваат нови мерки

Во новиот корона-бран Србија денеска надмина 5.000 нови инфекции на дневно ниво, со 23 смртни случаи и зголемување на бројот на хоспитализирани лица во последните 24 часа.
Поради ваквите бројки, здравствените власти навестуваат нови епидемиолошки мерки.
Државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Џерлек, најави дека Кризниот штаб набргу ќе ѝ предложи на владата две нови мерки за борба против пандемијата на коронавирусот – воведување ковид-сертификати и намалување на бројот на луѓе на собири.
Во последните два месеца во Србија се одржаа неколку манифестации и спортски настани со голем број учесници – фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, Собирот на трубачите во Гуча, „Пиво-фест“ во Белград и Европското првенство во одбојка за жени и квалификациите за СП против Луксембург.
Според денешните официјални податоци на српското Министерство за здравство, од 20.443 тестирани примероци, регистрирани се 5.069 нови случаи на инфекција.
Во болниците има 1.701 ковид-пациент, од кои 121 се на респиратор, за разлика од понеделникот кога во болниците имаше 1.479 пациенти и 108 на одделенијата за интензивна нега.
Од почетокот на епидемијата направени се 5.138.131 тест и регистрирани се 788.895 инфекции со коронавирус, а официјално се пријавени 7.421 смртен случај.
Во однос на бројот на заразени, Србија е на 41. место на листата што ја води специјализираниот портал Worldometer, а според бројот на смртни случаи на милион жители се наоѓа на 75. место во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.
Регион
Фон дер Лајен: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека само обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Во својот годишен говор до нацијата пред Европскиот парламент таа повика на следно обединување на Европа.
„Кога зборуваме за независност, зборуваме за избор на нашата судбина. Тоа е она за што се бори Украина. И тоа е она што го заслужуваат сите Европејци. Бидејќи Европа е идеја – идејата за слобода и заемна сила. Тоа беше идејата што ја водеше генерацијата по 1989 година кога Истокот и Западот се обединија. Сега е исто толку моќна како што беше и тогаш. Затоа ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија. Треба да го одржиме темпото на овој процес базиран на заслуги“, рече Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Силен земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди грчкиот остров Евија во текот на ноќта и беше силно почувствуван во Атина, соопшти Институтот за геодинамика на Националната опсерваторија во Атина. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) ја процени јачината на 5,2 степени.
Земјотресот се случил околу 30 минути по полноќ по локално време, а епицентарот бил во морето 45 километри североисточно од грчката престолнина и 4 километри од брегот на Неа Стира на југозапад од Евија, вториот по големина остров во Грција.
2/#Greece #σεισμός #sismo #deprem https://t.co/UkYhUkNJG3
— GeoTechWar (@geotechwar) September 9, 2025
Според грчките медиуми, засега нема вести за евентуални жртви или штети. Градоначалникот на Маратон, Стергиос Циркас, изјави за телевизијата ЕРТ дека земјотресот бил многу силен и додаде дека засега нема вести за штети.
Грција се наоѓа на неколку геолошки раседи и често е погодена од земјотреси. Во мај, земјотрес со јачина од 6,1 степени го погоди островот Крит и беше почувствуван дури до Египет и грчкиот главен град, додека во јануари и февруари беше регистрирана силна сеизмичка активност во областа на островот Санторини во Егејското Море.