Македонија
(Видео) Пендаровски: Самостојноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации
Претседателот, Стево Пендаровски, во своето обраќање на централната свеченост по повод 30-годишнината од независноста, истакна дека самостојноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава.
Пендаровски нагласи дека континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан и во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност и ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи.
Претседателот на државата потсети дека во завршната етапа, независноста беше стекната во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на Студената војна и на почетокот на крвавиот распад на југословенската федерација.
„Во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација“, рече Пендаровски.
Истакна дека уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница.
„Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сѐ уште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области. Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите“, потенцираше претседателот.
Пендаровски нагласи дека во перспектива Северна Македонија ја гледа како земја во која се обезбедени сите услови младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина.
„Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да вложуваме во квалитетно образование што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови“, издвои, меѓу другото, претседателот Пендаровски во овој дел од своето обраќање.
Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, подвлече претседателот на државата, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност.
„Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, беа остаток, беа калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, нагласи Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

