Македонија
Нуредини: Се случи за три минути, цел град дојде да помага, ама сѐ веќе беше завршено
Координаторот на ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини, утрово информираше дека пожарот во модуларната болница траел многу кратко време. Рече дека е чудно што толку брзо изгорело сè. Објасни дека пациентите сами се спасувале, нивни роднини се обидувале да ги извлечат преку прозорци. Не сакаше да шпекулира околу причините за пожарот, само нагласи дека за толку кусо време не можело да се употребат ПП-апаратите, кои, како што рече, ги имало во болницата.
„Пожарот траеше три минути. Медицинските екипи, вработените и лица коишто беа надвор, роднини коишто сакаат да комуницираат со нас, сите тие помагаа и, замислете, сè се случи за 3 минути. Цел град дојде ама сè веќе беше завршено. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не се успеаја бидејќи пламенот за 3 минути го опфати целиот простор“, вели Нуредини.
На новинарско прашањето зошто пациентите имале придружба и дали починал некој кој не бил пациент, Нуредини рече дека дополнително ќе се уврдува. Сепак рече дека најверојатно имало некој кој не е пациент внатре, но можеби бил вработени во Клиниката, а роднина на некој пациент.
„Секоја посета е казнива. Не може роднина да се грижи за пациент. Ние и порано имавме укажувања дека наводно имало посети. Веднаш пративме известувања до сите служби да не се дозволува посета. Дали имало некој случај, не знам. Овде има и вработени во ковид-клиниката кои доаѓале кај нивни блиски. Некои се и роднини. Сега бараме да ни дадат кои биле роднини и дали биле вработени во ковид-центарот“, вели Нуредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

