Економија
Новите академии на Brainster – прозорец до професиите на иднината

Живееме во време кога на пазарот на труд му недостасува кадар што треба да ги пополни најбараните работни позиции, а образовните системи не успеваат истиот да го произведат. Овој тренд е толку распространет што е порелевантно брзо да се развијат специфични вештини, отколку да се поминат неколку години на факултет и да се дипломира во некоја од споменатите професии.
Оваа идеја потекнува од неодамна објавената статија на Forbes, што сугерира дека би било поефикасно доколку бизнисите се фокусираат на доусовршување на вработените за „специфични задачи и активности, а не за цели работни места“. Ова подразбира дека процесот на подготвување на вработените за нова или постоечка вештина е пократок, што пак заштедува време и пари за секого. Тука на сцена стапи EdTech секторот.
Веќе некое време компаниите од овој сектор нудат решение за овој проблем со тоа што создаваат работна сила подготвена да се справи со потребите на современиот пазар на труд. Дополнително, учењето од далечина им овозможи на EdTech компаниите да работат во различни земји и да не бидат ограничени само на една локација.
Пет години од основањето, Brainster со сигурност се движи по патот кој носи големи достигнувања. До денес, близу 10.000 алумни од 4 различни земји поминаа низ академиите и курсевите на Brainster. Оваа компанија забележа и импресивна стапка на вработеност од 80% на своите дипломирани студенти.
Минатиот месец ја постигнаа и нивната најнова цел – лансирање на 5 нови Brainster академии: Дигитален маркетинг и Full-stack Web програмирање за интернационалниот пазар;: Full-stack HR, Project & Product Management за македонскиот пазар; како и Business Intelligence (и за македонскиот и за интернационалниот пазар).
Моделот на учење на овие академии е новост во Brainster, што значи дека тие нудат флексибилно и структурирано образовно искуство за студентите. Методот на работа на Brainster е базиран на постојано подобрување, а овие подобрувања се направени врз основа на длабински анализи на искуството на студентите, чии барања се сфаќаат многу сериозно.
Една од главните грижи за некои од нив беше распоредот на предавањата. Многумина од студентите мораат да ја балансираат работата и приватниот живот со учењето на нови вештини. Затоа, новите академии воведуваат флексибилно искуство за учење, што е најнова иновација на Brainster, во обидот да се издигне процесот на учење на ново ниво. Академиите се организирани во модули кои се состојат од курсеви за учење со самостојно темпо и часови во живо.
Модулите им овозможуваат на студентите флексибилност, односно следење на предавањата по самостојно темпо секогаш кога тоа се вклопува во нивниот распоред во текот на работната недела, а во исто време ја одржуваат структурата на програмата, бидејќи на крајот на секоја недела предвиден е и час во живо кој ги сумира самостојно научените лекции и се состои од директна интеракција во живо со инструкторите на Brainster.
Во однос на практичната работа, овие академии ќе им овозможат на студентите да научат нови вештини работејќи на реални проекти за реални компании кои се партнери за ко-иновација на Brainster, а сето тоа под менторство на докажани инструктори кои нудат совети, насоки и поддршка за како најдобро студентите да ги совладаат предизвиците кои произлегуваат на секоја од академиите.
На овие академии предвиден е и посебен модул каде што студентите ќе можат да добијат кариерни совети од експерти за човечки ресурси и кариерни советници. Тие ќе учат: како да го подготват своето CV, како да поминат низ процесот на апликација, како да се подготват за интервју, и како да ги покажат своите технички, но и меки вештини стекнати од академиите. Идејата е да им се обезбеди на студентите целосно и подобрено искуство во Brainster – од првиот ден, па сè до нивното вработување во компаниите.
Покрај тоа, новата платформа за Co-innovation & Hiring овозможува постојан контакт со повеќе од 300 локални и интернационални компании со цел да обезбеди искуства од реалниот сектор и вработување за студентите на Brainster.
Дознајте повеќе за новите академии на Brainster овде.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.