Свет
САД го стопира доаѓањето на Авганистанците поради појава на сипаници

САД ги суспендираа летовите со кои требаше да се евакуираат Авганистанци, откако беа откриени случаи на големи сипаници за време на пристигнувањето на бегалците во Америка.
Документ на американската влада предупредува дека овој развој на настаните може да има значително влијание врз евакуацијата што започна кога талибанците го зазедоа Кабул, а многу Авганистанци ја напуштија земјата, објави „Ројтерс“.
Одлуката ја донесе американската погранична служба по препорака на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ).
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека суспензијата се случила откако биле откриени сипаници меѓу четворица Авганистанци кои влегле на територијата на САД. Се уште не е познато дали зборовите на Псаки се однесувале на запирање на летовите од сите транзитни места каде што се сместени Авганистанците, или само на двете најголеми – Катар и Германија.
Суспензијата може „сериозно да ги загрози“ операциите во базата Рамштајн во Германија, една од најголемите транзитни точки, а американските летови исто така ќе бидат запрени од американската база Ус-Удеид во Катар.
Некои од авганистанските бегалци се на пат кон САД, но тие се привремено сместени на одредени локации.
Во владиниот документ се наведува дека одлуката за прекин на летовите ќе има контра-ефект врз речиси 10.000 вакцинирани луѓе кои се во Рамштајн. Се додава дека многумина се таму повеќе од 10 дена и дека веќе се „уморни“.
Германија постави ограничување од 10 дена за Авганистанците да останат во американската база, а некои германски политичари и медиуми се побунија кога некои Авганистанци побараа азил во таа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел првпат повика на евакуација на сите жители на Газа

Израелската армија нареди евакуација на целиот град Газа пред планираниот израелски напад.
„Израелската армија е решена да го победи Хамас и ќе дејствува во Појасот Газа со голема сила, исто како што направи во целиот појас“, напиша на X Авичај Адрае, портпарол на израелската армија на арапски јазик.
Во објавата се повикуваат жителите на Газа да се упатат по крајбрежниот пат кон ал-Маваси во јужниот Појас Газа, кој Израел го означи како хуманитарна зона.
Ова е првата наредба од армијата за евакуација на целиот град. Претходно, вакви повици беа упатувани само за одредени области.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на жителите на Газа да „излезат оттаму“ пред планираниот израелски напад врз градот.
На денот кога шест Израелци беа убиени во палестинска пукотница на автобуска станица во Ерусалим, Нетанјаху вети дека ќе ја засили војната против теророт, истакнувајќи дека израелската војска „елиминирала гнезда на тероризам“ на Западниот Брег и „урнала 50 терористички облакодери“ во Газа во последните два дена.
„Рушењето е само почеток на голема копнена кампања во градот Газа. Затоа, ја користам оваа можност да им кажам на луѓето од Газа, слушајте внимателно: Предупредени сте; тргнете се од таму!“, рече тој.
Газа е најголемата населба на палестинската територија и е дом на околу еден милион луѓе.
Нетанјаху во неделата изјави дека околу 100.000 луѓе досега избегале од областа.
Хуманитарните организации предупредуваат на понатамошно влошување на веќе катастрофалната ситуација за цивилното население.
Свет
Соочен со криза во Франција, Макрон мора брзо да назначи наследник на Бајру

Францускиот претседател Емануел Макрон денес ќе ја прифати оставката на премиерот Франсоа Бајру откако неговата влада не ја доби довербата во парламентот, а францускиот лидер мора итно да најде наследник за да избегне нова политичка криза.
Вчера, Бајру претрпе пораз на гласањето за доверба во парламентот што самиот го свика, туркајќи ја Франција во нова неизвесност и оставајќи го Макрон со задачата да го пронајде својот седми премиер.
Кабинетот на францускиот претседател соопшти дека Макрон „го забележал“ исходот и дека ќе назначи нов премиер „во наредните денови“, со што ќе се стави крај на шпекулациите за предвремени избори.
Макрон денеска ќе се сретне со Бајру за да ја прифати оставката на неговата влада. Точно кога би можел да биде именуван нов премиер останува нејасно, но извор близок до Макрон рече дека назначувањето е можно уште денеска, а претседателското обраќање исто така не е исклучено.
Бајру ги изненади дури и своите сојузници со тоа што свика гласање за доверба за да се стави крај на долгогодишниот ќорсокак околу неговиот предлог за буџет за штедење, кој вклучуваше речиси 44 милијарди евра намалување на трошоците за намалување на долгот на Франција.
На гласањето во Националното собрание, 364 пратеници гласаа против владата, додека само 194 ѝ дадоа доверба.
Макрон има неколку опции – ниту една од нив не е особено привлечна, објавува Би-би-си.
Тој би можел да назначи нов премиер, но наоѓањето кандидат кој нема веднаш да биде одбиен од една од главните парламентарни фракции нема да биде лесно. Минатата година, процесот траеше неколку недели. Бајру веројатно ќе остане на функцијата како технички премиер додека не се именува наследник.
Макрон би можел да распише и нови парламентарни избори. Тоа би го променило сегашниот баланс на моќ, но би можело да резултира со уште поубедлива победа за крајно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен.
Друга опција е да се распишат претседателски избори на кои Макрон нема да може да се кандидира бидејќи неговиот втор мандат завршува во 2027 година. Некои парламентарни групи го повикаа да го направи тој потег, но тој постојано повторуваше дека нема да поднесе оставка.
Свет
Непал ја укина забраната за социјалните медиуми откако 19 лица загинаа во протестите

Владата на Непал ја укина забраната за социјалните медиуми што предизвика насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што загинаа најмалку 19 лица, објави Би-би-си Њуз.
Илјадници млади луѓе во понеделникот упаднаа во зградата на парламентот во главниот град Катманду, барајќи владата да ја укине забраната за 26 платформи, вклучувајќи ги Фејсбук и Јутјуб. Тие, исто така, повикаа на решителна борба против корупцијата што ја зафати земјата.
Одлуката за укинување на забраната беше донесена вчера за да се исполнат барањата на „Генерацијата З“, изјави министерот за комуникации и информации Притви Суба Гурунг. Повеќе од 100 лица беа повредени во протестите, кои се проширија и во други градови.
Платформите за социјални медиуми како Инстаграм имаат милиони корисници во Непал и се клучна алатка за забава, информации и бизнис. Владата ја оправда забраната, која беше воведена минатата недела, велејќи дека е за борба против лажните вести, говорот на омраза и онлајн измамите.
Но, младите луѓе што излегоа на улиците велат дека нивниот протест е и против авторитарниот став на владата. Многумина носеа транспаренти на кои пишуваше „доста е“ и „крај на корупцијата“. Некои демонстранти фрлаа и камења кон куќата на премиерот во неговиот роден град Дамак.
Една од демонстрантите, Сабана Будатоки, претходно изјави за Би-би-си дека забраната за социјални медиуми е само изговор за собирање.
„Наместо да се забранат социјалните медиуми, мислам дека фокусот на сите е на корупцијата“, објасни таа, додавајќи: „Ја сакаме нашата земја назад. Дојдовме да ја запреме корупцијата“.
фото: принтскрин