Македонија
Маричиќ во Стразбур ги потпиша конвенцијата за борба против фалсификување лекови и Протоколот 16

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, од име на Владата во Стразбур ја потпиша конвенцијата на Советот на Европа за фалсификување медицински производи и слични кривични дела, кои претставуваат закана за здравјето на граѓаните. Со овој документ Владата на Република Северна Македонија изразува подготвеноста да ги вгради највисоките стандардите од оваа конвенција во домашното законодавство со цел заштита на јавното здравјето, односно здравјето на граѓаните.
Имајќи предвид дека заканите за јавното здравје како резултат на фалсификувањето, трговијата со фалсификувани медицински производи и сличните кривични дела претставуваат глобален проблем со кој се соочуваат сите земји, конвенцијата претставува ефикасен правен инструмент за размена на информации меѓу договорните страни и им обезбедува поддршка и асистенција на релевантните власти на национално и меѓународно ниво во спречувањето на кривичните дела што претставуваат закана за јавното здравје и заштита на здравјето на граѓаните.
Оваа конвенција влезе во сила на 1 јануари 2016 година и до сега ја имаат ратификувано 18 држави, а уште 17 држави ја имаат потпишано.
Во Франција, Маричиќ го потпиша и Протоколот 16 кон конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Со него се уредува можноста највисоките судови во државата да побараат од Европскиот суд за човекови права да дава мислења за прашања во врска со толкувањето или примената на дефинираните права и слободи во конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, односно судовите во земјата директно да комуницираат со ЕСЧП.
Министерот за правда овие важни документи ги потпиша со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, на која ѝ се заблагодари за одличниот прием и досегашната успешна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.