Македонија
Обвинители од Велес ќе помагаат од „Брако“ да се одземе документацијата за изгорената модуларна болница
Основното јавно обвинителство Тетово испратило истражители во Министерството за здравство за да ја подигнат документацијата за изгорената модуларна болница во Тетово, а истовремено побарале помош од велешкото ОЈО за одземање на документацијата што ја има за градбата на модуларната болница што ја има компанијата „Брако“. Ова се последните преземени активности во обидот да се утврди како избувнал пожарот, во кој 14 лица трагично ги изгубија животите.
„Доставена е наредба да се обезбеди целокупната документација во однос на градбата на модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. Побарано е да се обезбедат податоци во врска со лицето што било одговорно за раководење со изградбата, лицето што имало овластување за надзор при нејзината градба, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници изградени во Република Северна Македонија. Исто така, издадена е и наредба за градежно вештачење до Градежниот институт ’Македонија’ за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозорци, врати, изолација и слично од модуларната болница, со цел да се испита и да се образложи од каков материјал се изработени, каков материјал е вграден во модуларната болница во Тетово и да се преземат и други потребни дејства, кои се во насока на утврдување на составот на градежните материјали“, соопштија од Обвинителството.
Од Обвинителството известуваат дека дополнително доставиле наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово за доставување податоци во насока да се утврди дали ЈЗУ Клиничка болница во Тетово има изготвено елаборат за складирање хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се достави планот за електрична инсталација на модуларната болница.
„Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово да се достави планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. До ’ЕВН Македонија’ – КЕЦ ‘Тетово’ издадена е писмена наредба за доставување елаборат за снабдување со електрична енергија, односно планот за целокупната електрична инсталација за модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово“, соопшти Обвинителството.
Инспекторите за компјутерски криминал во СВР Тетово добиле усна наредба да ги обезбедат сите снимки од пожарот објавени на социјалните мрежи, да се достават службените белешки од извршените разговори вечерта кога избувнал пожарот, листа на членови на семејствата, како и на починатите лица и пациенти болни од Ковид-19 што биле евакуирани.
„По прибирање на потребните податоци, лицата ќе се сослушаат во Основно јавно обвинителство во Тетово и ќе биде подготвен посебен извештај во врска со првопристигнатите полициски службеници, во смисла на тоа дали презеле некои дејства на кршење прозорци, врати или ѕидови или во внатрешните простории, дали некое полициско лице било присутно на самото место, за начинот на кој е известено во СВР Тетово за пожарот, како и тоа од кого биле известени“, стои во соопштението од Обвинителството.
Основното јавно обвинителство во Тетово во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје презема дејства и активности со цел да се утврди дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во модуларната болница во Тетово од пуштањето во употреба до денот на избувнување на пожарот. Донесена е писмена наредба со цел да се прибават и сите протоколи за начинот на работа како на модуларната болница така и на ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.
Истовремено, Обвинителството продолжува да сослушува сведоци и лица што даваат потребни известувања во однос на трагичниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

