Свет
Маорите бараат промена на името на државата Нов Зеланд
Народната партија на староседелците Маори во Нов Зеланд поведе петиција за промена на официјалното име на земјата во Аотеароа, што е името на автохтониот јазик во земјата.
Лидерите на партијата што ги застапуваат интересите на народот Маори – Равири Ваитити и Деби Нгарева-Пакер, изјавија дека оваа партија сака да го усогласи името на земјата со јазикот те рео маори, кој е јазик на овој домороден народ, пишува „Гардијан“.
„Одамна помина времето те рео маори да се врати на вистинското место како прв и официјален јазик на оваа земја. Ние сме полинезиска земја – ние сме Аотеароа. Тоа е име што ќе ја обедини нашата земја. Други се обидуваат да се искористи оваа тема за поделби. Нов Зеланд е холандско име“, велат Маорите.
Покрај барањето за промена на името на земјата, петицијата исто така ја повикува владата на Нов Зеланд да ги врати оригиналните имиња за сите места и градови на јазикот те рео маори до 2026 година.
„Нашите луѓе се болни од смрт бидејќи имињата на нашите предци се осакатени и запоставени. Ова е 21 век и тоа мора да се промени. Обврска на владата е да стори сѐ што може за да го врати полноправниот статус на нашиот јазик. Тоа значи дека ќе мора да биде достапен на телевизија, радио, на патоказите и во образовниот систем“, се вели во петицијата.
Минатата година премиерката на Нов Зеланд, Џacинда Ардерн, се осврна на официјалната промена на името на земјата и изјави дека тоа не е опција што се разгледува, но дека ѝ е драго што сѐ почесто го слуша името Аотеароа во јавност.
Петицијата за промена на името на државата доаѓа 49 години по иницирање на барањата за вклучување на маорскиот јазик во официјалната комуникација на Нов Зеланд, што на крајот вроди со плод така што јазикот официјално беше вклучен како официјален јазик во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелската армија: Почнавме голема операција на Западниот Брег
Израелската армија денес објави дека започнала „голема операција“ против палестинските вооружени групи во северниот окупиран Западен Брег.
„Во текот на ноќта кон среда, [израелските] сили започнаа операции како дел од голема антитерористичка операција во северниот регион“ на Западниот Брег, се вели во соопштението на израелската војска.
Израелските сили „нема да дозволат тероризмот да се вкорени таму“, додаде израелската армија.
Нова операција, а не продолжение на претходна акција
Израелската армија разјасни за АФП дека ова не е продолжение на „антитерористичката операција“ започната во јануари 2025 година, која првенствено била насочена кон палестинските бегалски кампови во регионот, туку „нова операција“.
Не дадоа дополнителни детали.
Насилството на Западниот Брег избувна по почетокот на војната во Газа, предизвикано од крвавиот напад врз јужен Израел од страна на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври 2023 година.
Повеќе од илјада Палестинци убиени на Западниот Брег
Од 7 октомври, повеќе од илјада Палестинци, вклучувајќи многу борци, како и многу цивили, се убиени од страна на израелската армија или доселеници, според податоците на АФП базирани на податоци од Палестинската власт.
Во исто време, според официјалните израелски податоци, најмалку 43 Израелци, вклучувајќи цивили и војници, беа убиени во палестински напади или за време на израелски воени напади.
Насилството продолжува со несмалена сила на Западниот Брег откако прекинот на огнот во Газа стапи на сила на 10 октомври.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања забележа врв во октомври во „нападите на доселениците што резултираа со жртви, материјална штета или и двете“ во речиси две децении собирање податоци на палестинската територија.
фото: принтскрин
Регион
Училиштата во Загреб алармираат: ученици разменувале експлицитни материјали од насилство на „Ватсап“ група
Неколку основни училишта во западниот дел на Загреб ги предупредиле родителите за содржини што ги разменувале ученици во „Ватсап“-група наречена „Луѓенца“, објави „Јутарњи“.
Според информациите, во групата се споделувале експлицитни сексуални материјали, нацистички симболи и фотографии со крајно насилен и вознемирувачки карактер. Директори на училиштата ги повикале родителите да обрнат поголемо внимание на активностите на своите деца на мобилните телефони.
Една мајка за која пишува „Јутарњи“ изјавила дека е згрозена кога дознала на каков материјал може да наидат децата, предупредувајќи дека многумина родители не знаат како да пријават несоодветна содржина на „Ватсап“. Училиштата, според весникот, најавиле дополнителна едукација за безбедно користење на интернет.
Психологот Јокиќ Бегиќ за „Јутарњи“ изјавил дека ваквите случаи укажуваат на сериозен пад на општествените норми и недостиг на контрола, нагласувајќи дека решението е навремена едукација и јасно одбивање на вакви содржини од страна на јавноста.
Од Град Загреб за „Јутарњи“ потврдиле дека станува збор за неколку училишта и дека случајот е пријавен во полиција. Оттаму апелираат родителите да ги следат активностите на своите деца на социјалните мрежи и да пријавуваат сомнителни материјали.
Директорка на едно од училиштата, чија порака ја пренесува весникот, навела дека слични содржини се делат и на „Снепчет“, предупредувајќи дека станува збор за одвратна и опасна содржина што може да го загрози менталното здравје и безбедноста на децата.
Свет
15-годишник уапсен во Британија за обидот за убиство на 16-годишно момче кое се бори за живот
Шеснаесетгодишно момче се бори за живот откако завчера беше застрелано во Шефилд, а полицијата уапси 15-годишник под сомнение за заговор за убиство. Пукањето се случило нешто пред 17:20 часот на прометната улица Лондон роуд, во време на најголема гужва во центарот на градот, пишува „Скај њуз“.
Жртвата итно била пренесена во болница, каде што и понатаму е во животна опасност. Полицијата на Саут Јоркшир потврди дека 15-годишникот е приведен додека детективите работат на утврдување на околностите што довеле до нападот.
„За злосторства со оружје и насилство нема место во Саут Јоркшир, а фактот дека младиот човек се бори за живот е ужасен и нема да се толерира“, порача надзорникот на Шефилд, Мартин Симкок.

Тој изјави дека полициските службеници и форензичките тимови на терен собирале докази, но додаде дека истрагата и понатаму се потпира на помош од јавноста.
„Ве повикувам да се јавите. Без разлика колку вашата информација е мала, токму таа може да биде делот што ни недостасува. Тинејџерот и неговото семејство заслужуваат одговори, а ние сме посветени да ги добијат“, додаде Симкок.
Главната инспекторка Ема Најт, повисока истражителка на случајот, изјави дека станува збор за „ужасен инцидент“. „Сакам да ги уверам жителите дека посветен тим службеници и персонал неуморно работи на разбирање на околностите што довеле до овој напад и на пронаоѓање на одговорните“, рече таа.

