Изложби
Делото Silentio Pathologia на Елпида Хаџи-Василева првпат пред македонската јавност
Изложбата „Допирот“, која е организирана во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, под кураторската палка на Ана Франговска, покрај мошне значајниот избор на дела со подвижни слики од Британската визуелна сцена (компилација составена од дела на Уриел Орлоу, Шарлот Проџер, Луис Хендерсон и Бен Риверс, сите сопственост на агенцијата „Лукс“, како и делото од колекцијата на Британскиот совет на Бедвир Вилијамс), вклучува и македонски автори, и тоа: Елпида Хаџи-Василева, Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.
Проектот се отвора на 15 септември и ќе трае до 15 октомври во „Мала станица“.

Сите автори на свој специфичен, критички, но и поетски начин, реагираат на разновидните прашања за мошне горливиот аспект на идните екологии, видени низ разновидни призми. Тие дискурси се однесуваат на заштита на животната средина, на екологијата, на политиката, на надмоќта на човекот, на капитализмот, на медицинската индустрија, колонизација, деколонизација, еднаквост, права.
Елпида Хаџи-Василева со своето дело Silentio Pathologia е дел од изборот на кураторот, а ова нејзино дело првпат ќе ја добие својата македонска премиера по неговата презентација како претставник на павилјонот на Република Македонија на 55. Венециско биенале во 2013 година. Оваа мошне значајна презентација на Венециското биенале значеше постигнување уште една висока цел во кариерата на оваа меѓународно призната уметница, но и проект со кој го привлече вниманието на меѓународната критичка јавност. Благодарение на тоа, на наредното биенале за визуелна уметност во Венеција, Хаџи-Василева беше поканета да го претставува павилјонот на Светата столица – Ватикан со исто така комплексен и грандиозен проект со наслов Haruspex.
Silentio Pathologia на Елпида Хаџи-Василева
Проектот Silentio Pathologia на Елпида Хаџи-Василева се осврнува на движењето, миграцијата и влијанието на средновековните чуми во Европа и ја разгледува современата загриженост за меѓународните миграциски болести, каква што е Ковид-19. Ова амбициозно дело вклучува ткаена свила, кожурци од свилена буба, кожи од стаорци и завеси од челичен лим. Следејќи ја директно линијата на економскиот развој на трговијата со свила, може да се открие ширењето и размножувањето на една од најпознатите болести од тоа време – чумата. Прибегнувањето кон когнитивната примена на овој географски и историски феномен во проектот на Елпида Хаџи-Василева ја разгледува врската помеѓу социјалните и природните науки. Освен наративниот фундус на овој контекст, зад него стои вивисекција на парадигмата на пренесување, како онтологија, пренос на информации (морфологијата на медиумите и нивната манипулативна моќ), пренесување стоки, пренесување идеи, луѓе, достигнувања, но и ширење несакани ефекти од преносот – болестите воопшто (чумата е пример за тоа, но метафорички се однесува на сите генетски и синтетички произведени современи болести, како што се птичјиот и свинскиот грип и денешниот коронавирус, со што ова дело добива и мошне актуелна димензија).
При создавањето на ова дело Елпида Хаџи-Василева ниту повредила ниту имала намера да повреди некое живо суштество. Сите материјали од органско потекло (пред сѐ, белите глувци) што ги користи се набавени од специјални фарми за бели глувци што се одгледуваат за потребите на синџирот на исхрана на животни во зоолошките градини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

