Свет
(Видео) Вонредна ситуација во Луизијана поради ураганот Николас

Тропската бура Николас се претвори во ураган, проследена со ветрови до 120 километри на час.
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во државата Луизијана и ѝ нареди на федералната агенција за вонредни состојби да ги засили активностите и да помогне на локално ниво да се поправат последиците предизвикани од тропската бура, која од синоќа се претвори во ураган.
Ураганот, проследен со налети на ветер до 120 километри на час, се разви речиси 75 километри југозападно од Фрипорт, Тексас, објави Националниот центар за урагани.
Ураганот донесе обилни врнежи од дожд, силни ветрови и бури во делови од централниот и горниот дел на Тексас, соопшти Центарот.
„Бурата полека ќе се движи низ Тексас, ќе трае неколку дена и ќе донесе огромни количини врнежи. Луѓето во регионот треба да бидат подготвени за екстремни настани на високата вода“, рече гувернерот на Тексас, Грег Абот.
Николас е втор ураган за две недели што го загрозува американскиот брег во Мексиканскиот Залив откако ураганот Ида ја опустоши Луизијана кон крајот на август оставајќи повеќе од 25 жртви.
„Сакаме да бидеме сигурни дека оваа бура нема да фати никого неподготвен. Најмногу сме загрижени од силниот дожд“, рече гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, предупредувајќи дека дренажните системи сѐ уште се затнати со седименти предизвикани од Ида.
Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, ги повика сите 2,3 милиона жители на градот да останат во своите домови.
„Сфатете ја оваа ситуација сериозно и подгответе се. Не знаеме колку дожд ќе наврне“, рече Тарнер.
Поради ураганот Николас, училиштата во Хјустон ќе бидат затворени во вторник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пејач преживеал пад на авион, седел на истото седиште со единствениот жив патник од индиската авионска катастрофа

Тајландскиот пејач Руангсак Лојчусак раскажа како ја преживеал авионската несреќа во 1998 година во која загинаа 101 патник, седејќи на седиштето 11А – исто како и единствениот преживеан од катастрофата на Ер Индија.
Руангсак Лојчусак, 47, бил на летот „TG261“ на Тај ервејс од Бангкок до Сурат Тани кога авионот ја изгубил контролата и се урнал во мочуриште додека се обидувал да слета.
Трагедијата одзела животи на 101 од 132 патници и 14 членови на екипажот, додека 45 лица биле повредени.
Вчера, Руангсак рече дека почувствувал морници по телото кога видел дека единствениот преживеан од несреќата на Ер Индија во Ахмедабад, британскиот патник Вишвас Кумар Рамеш, бил на седиштето 11А кога неговиот авион се урнал и удрил во зграда, објавува „Дејли меил“.
Thai singer “James” Ruangsak Loychusak posted on social media about Thursday’s plane crash in India, where there was only one survivor. What caught his attention was a strange coincidence: the survivor was seated in 11A – the exact same seat James was in when he miraculously… pic.twitter.com/DmE0lcfDjs
— Bangkok Post (@BangkokPostNews) June 13, 2025
„Единствениот преживеан од авионската несреќа во Индија седеше на истото седиште како и јас, 11А“, рече Лојчусак.
„Сакам да изразам сочувство до сите што ги загубија своите најблиски во трагедијата“.
Иако пејачот повеќе нема билет од фаталниот лет, тој рече дека вестите од тоа време го потврдија бројот на неговото седиште.
Лојчусак, исто така, опиша дека го живее „вториот живот“ откако ја преживеал катастрофалната несреќа.
„Десет години по несреќата имав проблеми со летањето. Се мачев да дишам, иако циркулацијата на воздухот ми беше нормална“, рече тој.
„Избегнував да разговарам со никого и постојано гледав низ прозорецот, не дозволувајќи никому да го затвори, за да одржам чувство на сигурност.“
„Ако видов темни облаци или дожд надвор, се чувствував ужасно, како да сум во пеколот“.
Свет
(Видео) Русија предаде 1.200 тела на загинати војници, додека Украина ниту едно

Русија ја заврши втората фаза од префрлањето на телата на убиените украински војници во Украина, без да добие ниту едно за возврат.
Киев не вратил никакви тела на руските претставници, додаде изворот на агенцијата РИА Новости.
„Москва продолжува да ги исполнува договорите од Истанбул“, вели изворот.
На 2 јуни, во Турција се одржа втората рунда разговори меѓу Русија и Украина.
Главните договори: префрлање на болните и тешко повредените по принципот „сите за сите“; размена на затвореници под 25 години; вкупниот плафон за размена е најмалку илјада лица; Русија еднострано планира да предаде шест илјади тела на украински војници на Киев; Москва ги идентификуваше идентитетите на сите овие жртви.
Свет
Пронајдена „црната кутија“ од авионот на Ер Индија што се урна во Ахмедабад

Индиските власти потврдија дека е пронајдена „црната кутија“ од авионот на Ер Индија што се урна во четвртокот во густо населен дел од градот Ахмедабад. Несреќата, која се смета за една од најтешките во историјата на индиското воздухопловство, однесе најмалку 246 животи – 241 патник и членови на екипажот, како и најмалку петмина на земја.
Дигиталниот уред за снимање податоци од летот бил пронајден на покрив во близина на местото на несреќата, соопшти Агенцијата за истраги на авионски несреќи на Индија (AAIB), која ја почна истрагата со „целосна мобилизација“.
Министерот за цивилно воздухопловство, Рам Мохан Наиду, го нарече пронаоѓањето на „црната кутија“ клучен чекор во расветлување на причините за трагедијата.
„Уредот ќе овозможи анализа на моторите, управувачките системи, но и разговорите во пилотската кабина“, изјави Пол Фром од британската Асоцијација на машински инженери.
Според првичните информации, авионот „Боинг 787 Дримлајнер“ што требал да лета кон Лондон, се срушил само неколку минути по полетувањето, удирајќи во зграда во која бил сместен студентски дом на медицински факултет. Причинета е голема материјална штета, а околу 50 лица се повредени.
Поранешниот истражител на Националниот одбор за транспортна безбедност на САД, Џеф Гузети, изјави дека, доколку уредот е функционален, првичните причини за несреќата може да се дознаат уште следната недела.
„Ќе се испитуваат параметри како губење на сила на моторот, крилните клапни, активирање на аларми, но и дали екипажот точно ги внел податоците за температурата и тежината на авионот“, изјави Гузети.
Индиската Агенција за цивилно воздухопловство наложи итна проверка на сите авиони „Боинг 787-8“ и „787-9“ со мотори „GEnx“ на Ер Индија, вклучително и на системите за гориво, мотори и хидраулика.
Во петокот, премиерот Нарендра Моди го посети местото на несреќата и се сретна со единствениот преживеан патник.
„Целата нација е потресена од трагедијата во Ахмедабад. Губењето на толку многу животи на ненадеен и трагичен начин е незамисливо“, напиша Моди на социјалните мрежи.
Телата на загинатите сè уште се идентификуваат преку ДНК анализа, бидејќи повеќето биле јагленосани. Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.