Македонија
(Видео) Шахпаска: Успехот ќе биде целосен ако охрабриме најмалку уште една жена да зачекори храбро во светот на мажите

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на меѓународната конференција „Жените во надворешната политика“, организиран од страна на Министерството за надворешни работи. Во своето обраќање на тема „Ковид-19 и неговото економско влијание врз жените“, рече дека и покрај светската здравствено-економска криза, Министерството за труд и социјална политика донесе два клучни закона – Законот за спречување и заштита од дискриминацијата и Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство.
„Изминатава една и пол година нашето општество, а верувам и целиот свет, се увери колку жените на своите плеќи, секоја во различен сектор, го понесе товарот од здравствената и економската криза. Фактот дека 74 проценти од здравствените работници се жени говори за нивното присуство во првите борбени редови во справување со пандемијата. Во градинките, во образованието, во трговијата, каде што доминантно се вработени жени, се покажаа нивната храброст и упорност. Дадоа сѐ од себе и не дозволија здравството да потклекне, образованието да застане, децата да не бидат згрижени, продавниците да бидат затворени“, рече Шахпаска.
Според неа, формирањето на првата независна и професионална Комисија за заштита од дискриминацијата е од големо значење бидејќи таа спроведува мултисекторски пристап на институциите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство. Исто така, во насока на унапредување на родовата еднаквост во нашата држава, Министерството за труд и социјална политика работи на подготовка на законот за родова еднаквост, кој треба да овозможи унапредување на положбата на жените и еднакви можности во остварувањето на правата, еднаков пристап до ресурси, еднакво учество во јавниот и политичкиот живот, еднаквост во носењето одлуки.
„Вашиот, мојот, нашиот професионален успех, ќе биде целосен само доколку дадеме поддршка, охрабриме, поттикнеме, мотивираме, барем уште една жена да зачекори храбро во светот на мажите. Само на тој начин ќе ја оствариме нашата мисија и ќе ја исполниме визијата и на Беназир Буто, првата жена премиерка на Пакистан, која во едно доминантно машко општество, прилично затворено за нови и прогресивни идеи, успеа да создаде слободно, отворено и прогресивно општество“, порача Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.