Македонија
Нови правила за Македонците – влез во Швајцарија само со сертификат, во Белгија карантин за невакцинираните
Швајцарија, Белгија и Австрија донесуваат нови ковид-правила за патниците што влегуваат во нивните земји.
За Швајцарија, повеќе не е во сила забраната за влез на државјани од трети земји, вклучително и од Република Северна Македонија, заради туристички или каков било друг вид престој, но само со потврда/сертификат за примени две дози вакцина (повеќе информации за видот на вакцината и условите за влез може да се пронајде на следниот линк: https://travelcheck.admin.ch/check). Условот за поседување негативен тест (ПЦР или антиген) повеќе не се прифаќа како основ за влез за оваа категорија лица.
Доколку лицето ги исполнува условите за влез во Швајцарија, потребно е до 12 часа пред влезот во Швајцарија да го пополни формуларот што се наоѓа на веб-страницата на Федералната канцеларија за јавно здравје на Швајцарија или поточно на следниот линк: https://swissplf.admin.ch/formula
Белгиската влада воведува карантин за невакцинираните патници што во Белгија ќе влегуваат од црвените зони, меѓу кои е и Северна Македонија. Поради зголемениот број нови пациенти во болниците во регионот на главниот град и пошироко во Белгија, веќе од утре (петок, 17 септември) ќе се воведат построги правила на карантин за патниците што пристигнуваат од црвената зона. Оние што не се целосно вакцинирани (две дози во соодветен временски интервал) или немаат сертификат за прележана болест, по пристигнувањето во Белгија од црвената зона, мора да поминат 10-дневен период на карантин. Карантинот може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен.
За влез во Австрија потребен е еден од следните докази: доказ за вакцинација или доказ за прележан коронавирус, што претставува единствен начин да се избегне карантин од 10 дена, кој може да биде прекинат по 5 дена со нов негативен резултат на ПЦР-тест.
Малолетниците до дванаесет години исто така мора да се изолираат и да се регистрираат при пристигнувањето, освен ако возрасниот што патува со нив не е ослободен од самоизолација; децата над 12 години мора да поседуваат доказ за вакцинација или доказ за прележан Kовид-19. За примена вакцина со единична доза мора да покажете дека сте ја примиле вакцината пред повеќе од 21 ден, но не повеќе од 360 дена пред пристигнувањето.
Повеќе информации за рестриктивните мерки за сите држави се објавени на веб-страницата на МНР, поконкретно на следниот линк –https://www.mfa.gov.mk/mk/page/1706/informacii-za-covid19
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

