Македонија
Со Косово потпишан договор за заедничка царинска контрола на преминот Блаце – Хани Елези
Северна Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце – Хани Елези, информираат од Министерството за финансии.
Тоа го предвидува денеска потпишаниот договор за спроведување на спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји за погранично регулирање на железничкиот сообраќај.
Договорот го потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамките на заедничката седница на владите, што се одржа во Скопје.
„Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на задржување на граничните премини. Договорот ги утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и ги утврдува правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји на една точка, односно на граничниот премин на Косово, Хани Елези“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за финансии посочуваат дека подоброто поврзување и овозможување услови за побрз проток на лица, стоки и услуги значи подобра трговска размена, просперитет за државите и за регионот.
„Со ваквите заеднички активности придонесуваме за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис-заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра“, нагласуваат од Министерството.
Од таму додаваат и дека во тек е реализација на проектот за изградба на автопат до граничниот премин Блаце, каде што исто така има иницијатива за поставување заедничка контрола.
Активности се преземаат и во областа на енергетиката, поконретно за изградба на интерконективен гасовод меѓу двете земји.
„Подобрата инфраструктура ќе значи и привлекување повеќе инвестиции. Двете земји имаат потпишано и договори за одбегнување на двојното даночење по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и за поттикнување и заемна заштита на инвестициите“, посочуваат од Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

