Македонија
Клиниката за хематологија го одбележува Светскиот ден на дарители на коскена срцевина
Во чест на сите оние кои спасиле живот дарувајќи коскена срцевина, денес на 18 септември, Светскиот ден на дарителите на коскена срцевина, со низа настани, светот, јавно им се заблагодарува на дарителите.
18 септември е ден кога се зборува за подигнување на свеста на јавноста за важноста на дарување коскена срцевина и влијанието на трансплантацијата на матични клетки врз животот на пациентите.
Светскиот ден на дарителите на матични клетки, 18 Септември, е иницијатива на Светската асоцијација на дарители на срцевина, најголемата организација посветена на грижата за дарителите. Македонскиот регистар на доброволни дарители при Институтот за имунологија е признат член на оваа меѓународна организација.
Годинава, слоганот со кој се одбележува Светскиот ден на дарување на коскена срцевина е „Дарителу, ти благодариме!”.
И Клиниката за хематологија се вклучува во одбележување на овој ден.
Ја користат приликата да искажат јавно благодарност на сите дарители кои помогнале или покажале иницијатива да помогнат некому, како и да ја подигнат свеста и да мотивираат поголем број дарители на коскена срцевина да се пријават во националниот регистар.
„Сите пациенти заслужуваат шанса да бидат излекувани со трансплантација на матични клетки. Само неколку чекори се доволни за да спасите нечиј живот. Запишете се во националиот регистарот на дарители при Институтот за имунологија, оставете само една епрувета крв и станете потенцијален дарител на коскена срцевина. Трансплантацијата за многу хематолошки болести е единствен лек. Дарувањето коскена срцевина е комплетно безбедна процедура која спасува човечки живот“, вели д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
На Универзитетската Клиниката за хематологија во Скопје во период од 3 години се реализирани 190 трансплантации, од кои 7 хаплоидентични трансплантации и 22 трансплантации од несроден донор, што претставува најсложена интервенција, за која во минатото пациентите беа праќани на третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година.
Дарител во националниот регистар на дарители на коскена срцевина може да биде секој здрав човек на возраст од 18 до 50 години, само со доброволно дарување на 5 мл периферна крв.
Со зголемување на бројот на доброволни дарители се зголемуваат шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите чии единствен спас е трансплантација на матични клетки.
Стани и ти дел од големото семејство на доброволни дарители и СПАСИ ЖИВОТ!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.
Македонија
Сали-Вајц: Билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата беше разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што беше реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Филипче: Владата ја турка Македонија во изолација, изложена на туѓи авторитарни влијанија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче.
Граѓаните мора да знаат, додаде тој, дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.
„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.

