Македонија
(Видео) Арсовски: Тендер тандемот Шилегов – Весковски местеле тендер каде добитник е компанијата која претходно ја завршила работата
Огромни скандали и страшни криминалии и прекршување на закони се направени од страна на кадрите на СДСМ во институциите со кои што владеат. Почнувајќи од централната власт, па потоа Петре Шилегов во Град Скопје, а по него и следствено директорите на јавните претпријатија. Нема ред, нема поредок, единствено само криминал, изјави на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Ќе обзнаниме огромен скандал за тоа како се местат тендери и како фирмите на СДСМ работат и ги испумпуваат парите на граѓаните, рече Арсовски.
„ЈП Водовод и канализации, директорот кој беше доскорашен трет човек во партијата и еден од милениците на Петре Шилегов, Душко Весковски, секоја година како директор склучува рамковна спогодба за изведување на работи и реконструкција, доградба и замена на водоводни мрежи. Така и минатата година, ЈП Водовод и канализација, Душко Весковски потпишале рамковна спогодба врз основ на тендер со пет фирми, уште во април 2020-тата година. Вредноста на тендерот за реконструкција на водоводна мрежа е околу 2 милиони евра без ДДВ секоја година. По потпишување на оваа рамковна спогодба, за секоја реконструкција на било која мрежа која што сака да ја прави ЈП Водовод и канализација, мора да има тендер помеѓу овие 5 фирми, односно бирање на најповолен понудувач и се прави негативно наддавање, односно единствен услов е да има најниска цена и најповолен понудувач помеѓу овие пет фирми за реконструкција на одредена мрежа. Фирмата која ќе биде предмет на интерес, една од овие пет фирми која потпишале рамковна спогодба, а тоа фирмата КБК Инженеринг, чии сопственици се знае и се сметаат дека се многу блиски до СДСМ како партија“, посочи Арсовски.
„Фирмата КБК Инженеринг оди на улица „Варшавска“ во јули, реконструира водоводна мрежа, надвор од закон, надвор од процедури, надвор од се останато што пропишуваат законите, ја завршува работата и дури после месец и пол се носи избор за најповолен понудувач токму фирмата КБК Инженеринг, и се потпишува договор за работа, дури откако целата реконструкција е завршена. Согласно договорот, вредноста на реконструкцијата според е 18.041.646 денари или приближно 300.000 евра со ДДВ. Значи, директорот на Водовод, Весковски однапред имал смислено заедно со Шилегов која фирма ќе ја добие работата, најверојатно во претходен договор со нив и свесно, на нивна совест, прават криминално дело или правно толкувано несовесно работење во служба“, нагласи Арсовски.
Обвини дека „Тендер-тандемот Шилегов- Весковски“ како што ги нарече, местеле тендер, прво ја завршиле набавката, па распишале тендер односно одлука за избор на најповолен понудувач каде добитник е фирмата која претходно ја завршила работата.
Појасен доказ, рече Арсовски, за тоа како се местат тендери, за фирми блиски до СДСМ, нема.
„Појасен показател како се испумпуваат народните пари, нема. Појасен показател од ова, дека ЈП на Град Скопје и нивните директори тонат во криминал, нема“, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

