Македонија
Димитров на средба со експерти од Естонија: Дигитализацијата е важен аспект од процесот на европеизација
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со тимот од Естонскиот центар за меѓународен развој и претставници од Амбасадата на САД во земјава, со што официјално се означи почетокот на проектот насочен кон унапредување на дигитализацијата на Северна Македонија, а кој се спроведува со финансиска поддршка од Естонија и САД, соопштија од Министерството за надворешни работи.
На средбата беа реафирмирани целите на проектот и беа прецизирани активностите кои ќе се спроведуваат во следниот период, при што вицепремиерот Димитров ја нагласи важноста на процесот на дигитализација во контекст на процесот на европска интеграција и се заблагодари за партнерството и поддршката со кои се унапредува принципот на добро управување.
„Дигитализацијата е важен аспект од процесот на европеизација бидејќи ќе се подобрат квалитетот и ефикасноста во обезбедувањето услуги за граѓаните, ќе се осигури континуитетот и непречена работа на институциите, но воедно е и успешна алатка во борбата против корупцијата. Пренесувањето на естонското искуство во соработка со стратешки партнер како што е САД е одлична можност да создадеме успешна дигитална приказна во Северна Македонија“, истакна Димитров.
Овој проект претставува прва трилатерална соработка меѓу Северна Македонија, Естонија и Соединетите Американски Држави, насочено кон поддршка на процесот на приближување кон европските стандарди и напредок во европската интеграција.
Во рамки на посетата, претставниците од Естонскиот центар за меѓународен развој ќе остварат средби со повеќе институции, меѓународни донатори, претставници од приватниот и граѓанскиот сектор кои се активни чинители во областа. Целта на овие средби е мапирање на состојбите во врска со дигитализацијата на процесите и услугите, како појдовна точка за понатамошно спроведување на проектот, а в петок, 24 септември, ќе се одржи и прес-конференција за претставување на проектните цели и активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.
Македонија
Искусните лекари ќе можат да работат до 70 години и да земаат пензија каде што има дефицит, предност за вработување ќе имаат најдобрите дипломци – подготвени законските измени
Министерството за здравство подготви повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, кои неделава се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Сите засегнати страни имаат можност да достават свои сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека процесот се води од принципите на транспарентност и отчетност.
„Се водиме од принципите на транспарентност и отчетност и сите конструктивни забелешки, мислења и сугестии ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на новиот предлог закон за здравствена заштита. Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во делот на постапката за вработување здравствени работници и соработници во ЈЗУ, статусот на директорите на јавните здравствени установи, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање на здравствените работници и работа по пензионирањето, како и усогласување со други прописи“, појаснува Алиу.
Меѓу позначајните измени е воведување приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. Доколку тие се пријават на оглас за вработување, нема да се спроведува постапка за селекција, туку ќе бидат приоритетно вработени во јавната здравствена установа.
Воедно, во постапката за вработување е предвидено составот на комисијата за селекција на кандидатите да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот е должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Измените опфаќаат и нов пристап во планирањето на специјалистичките и супспецијалистичките кадри. Владата, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, во иднина ќе носи и програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите за медицински кадар.
Дополнително, се зголемува старосната граница за ангажирање искусни доктори од специјалности и супспецијалности каде недостига кадар. На овие лица ќе им се овозможи, со договор, да бидат ангажирани во здравствени установи во мрежата од 67 до 70 години и истовремено да ја задржат пензијата. Ангажирањето ќе се врши со согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, доколку нема други услови за обезбедување на одредена здравствена дејност или за непречено функционирање на услугите.

