Македонија
(Видео) Арсовски: Три нови докази дека тендерот во ЈП „Водовод“ бил наместен
Целокупната јавност и скопјани вчера имаа можност да видат како е наместен тендер во јавното претпријатие „Водовод“, во вредност од 300.000 евра, каде што фирмите КБК „Инженеринг„ и „Кодинг 2“, во јули 2020 година почнале реконструкција на водоводна мрежа на ул. Варшавска, во август ја завршиле, а целиот тој период фирмата КБК „Инженеринг“ и „Кодинг 2“ работеле без договор, односно без да има најповолен понудувач, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Вчера јавното претпријатие ‘Водовод’ и директорот Весковски признаа кривично дело, со тоа што во документите што ги пратија самите за избор на најповолен понудувач се гледа дека изборот е вршен на 1.10.2020 година. Целата реконструкција на водоводната мрежа е завршена месец ипол претходно. Фирмата КБК ‘Инженеринг’ најверојатно во непосреден договор со ЈП ‘Водовод’ и градските власти договориле да отпочнат и да сработат, што само по себе е кривично дело, да се заврши реконструкција на водоводна мрежа, а дури потоа да има избор на најповолен понудувач и баш тоа да е фирмата која што ја завршила работата претходно“, додаде Арсовски.
Денеска, како што рече ќе изнесе ,нови докази дека е работено без договор за најповолен понудувач.
„На 24 јули 2020 година јавното претпријатие бара надзор над изградба конкретно за реконструкција на постоечки водовод од ул. Варшавска. На барањето за надзор јасно пишува дека изведувач на работите ќе биде фирмата ‘Кодинг 2’ ДООЕЛ Скопје. Поголем доказ од ова дека си избрале во јули месец самите меѓу себе која фирма ќе работи, нема и не може да има. На 24 јули во писмен официјален документ на јавното претпријатие пратен до друга институција кажуваат која фирма ќе работи, односно веќе работи, без да има избор на најповолен понудувач помеѓу петте фирми коишто го добиле тендерот, односно ја потпишале рамковната спогодба во април 2020 година“, објасни Арсовски.
Доказ број 2, како што рече, е евидентниот лист за хлорирање од 24 јули, кој го потпишал раководителот на секторот за технички работи и развој на ЈП „Водовод“, каде што пишува дека мрежата може да се хлорира. Се хлорира секоја мрежа веднаш по одредена реконструкција на истата водоводна мрежа.
Доказ број 3, според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, е извештајот од тестирање квалитет, односно дезинфекција на мрежа, од 29 септември, каде што се врши испитување дека водата е питка и може да се пие, што повторно потврдува дека реконструкцијата е завршена пред да биде изборот за најповолен понудувач.
„Ова е на 29 септември, а изборот за најповолен понудувач се случил електронски на први октомври 2020 година. Како е можно баш фирмата КБК и Кодинг 2 да имаат најниска цена на први октомври, откако е завршена целата работа, а другите четири фирми да немаат забелешки и жалби по основ на самиот тендер? Очигледно е дека на двоецот на Шилегов – Весковски заедно со КБК ‘Инженеринг’ и ‘Кодинг 2’ им било претходно договорено фирмата да изработи за потоа да го добие тендерот којшто јасно се гледа согласно вчерашната прес-конференција, согласно денешните три докази коишто ги покажавме дека тендерот за избор на најповолен понудувач помеѓу петте фирми од рамковната спогодба е наместен“, посочи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

