Македонија
Пендаровски: Одржувањето на перспективата за членство во ЕУ е клучниот двигател за реформите во земјите од Западен Балкан
Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк учествуваше на 20. состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, што се одржа на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации. Претседателот се обрати на тема: Што значат мирот и стабилноста во 21 век? во рамки на сесијата: Специјално обраќање: Мир и стабилност: Иднината на Западен Балкан.
На почетокот од своето обраќање претседателот говореше за искуствата на земјите од регионот на Западен Балкан по падот на комунизмот, констатирајќи дека поради низа објективни причини, како што беа конфликтите во поранешна Југославија, економската девастација, бројните отворени прашања, ниту една земја од регионот не може да се вброи како лидер на посткомунистичкиот период во Европа.
Во оваа пригода претседателот се осврна на искуствата на Република Северна Македонија, ставајќи акцент на направените компромиси со соседите, членството во НАТО и посветеноста на интеграцијата на земјата во Европската Унија.
Притоа, претседателот Пендаровски констатираше дека одржувањето на перспективата за членство во Европската Унија е клучниот двигател за реформите, не само во нашата држава, туку и во земјите од Западен Балкан, додека самото членство – клучно за обезбедување долгорочна стабилност, мир и просперитет во регионот.
Во оваа смисла, опишувајќи го евидентниот застој во интегративните процеси на сите земји од Западен Балкан во изминатите неколку години претседателот Пендаровски изрази загриженост и предупреди дека неизвесноста на овој план би можела битно да влијае на мирот и стабилноста во регионот. Истовремено, претседателот подвлече дека резултат на сегашниот застој се спорот, реформското темпо и подемот на евроскептицизмот во сите држави од Западниот Балкан.
Покрај ова, во своето обраќање претседателот ја истакна и важноста на односите меѓу Европската Унија и САД, кога се зборува за мирот и стабилноста на Западен Балкан, констатирајќи дека секогаш кога односот помеѓу ЕУ и САД бил добар и силен, тогаш се гледале придобивките за регионот, Европа и евро-атлантскиот регион во целина.
Во заклучниот дел од своето обраќање, претседателот Пендаровски нагласи дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија и дека Европската Унија треба да ја држи вратата отворна не само заради потребата од сериозни резултати во делот на европските критериуми за демократија, владеење на правото, борбата против корупцијата, туку и заради можноста од користење на евентуалниот вакуум од страна на надворешни фактори, кои промовориаат геополитички концепти, кои не се базирани на општите европски вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

