Свет
Опасност од слевање на лава во морето во Шпанија, може да создаде токсични гасови
Експертите и властите на Канарските Острови, каде што еруптираше вулканот, се загрижени од опасноста дека при контакт на лавата, која се слева кон морето, со водата ќе создаде токсичен облак.
Контактот на лава и солена вода може да предизвика експлозија и емисија на отровни гасови, пишува шпански „Паис“ и додава дека Службата за цивилна заштита и поморската капетанија затоа го зголемиле опсегот на забраната за пловидба за два наутички милји, како и мерења на воздухот.
Исто така, воведени се дополнителни ограничувања за пристап до областа на копно.
Техничкиот директор на Службата за вонредни вулкански состојби на Канарските Острови, Мигел Санчел Моркенде, рече дека активноста на вулканот се забавува, и затоа масата на лава е помала.
„Лавата е сè уште на половина пат до морето. Засега не е познато кога ќе стигне до океанот, па дури и да стигне, ќе биде под нивото на планината Тодоке“, рече тој.
Научниците велат дека кога лава со температура од околу 1.000 степени ќе стигне до морето, експлодира водена пареа, што генерира густ бел облак кој содржи хлор, што може да ги иритира кожата, очите и респираторниот тракт.
Покрај тоа, протокот на лава во океанот може да предизвика колапс на брегот и карпите, бранови врела вода и токсична пареа од хлороводородна киселина и мали честички од вулкански кристали. Научниците исто така предупредуваат дека најзагрозени се неподвижните организми кои живеат на дното на морето и кои можат целосно да се уништат, но тие наведуваат, врз основа на примерот на вулканска ерупција од 2011 година, дека можат целосно да се обноват за три години.
Исто така, се верува дека вулканска ерупција може да трае со недели, па дури и месеци.
Поради ерупцијата на вулканот, кој досега уништи 100 куќи, училишта, патишта, лозја, беа евакуирани околу 6.000 граѓани, а се претпоставува дека тој број ќе се зголеми на 10.000.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

