Македонија
Потпишан договор за соработка за заштита на сведоци помеѓу МВР и Меѓународниот Кривичен Суд
„Потпишувањето на Договорот за соработка во областа на заштита на сведоци помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Меѓународниот кривичен суд претставува продолжување на чинот на поддршка на Судот во борбата против најтешките форми на кривични дела. Дотолку повеќе што Република Северна Македонија го има потпишано Римскиот статут во 1998 година и ратификувано во 2002 година, со кој е основан Меѓународниот кривичен суд, чија улога е фокусирана во борбата против најтешките форми на кривичните дела – геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и агресија“.
Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при денешното потпишување на Договорот за соработка во областа на заштитата на сведоци меѓу МВР на РСМ и МКС со седиште во Хаг (Холандија), а претставуван од Секретарот на оваа меѓународна правна инстанца г. Питер Луис, во Клубот на пратениците во Скопје.
Заштитата на најранливите категории на лица, односно жртвите и сведоците кои сакаат да помогнат во расветлувањето на кривичните дела и во изнесувањето на нивните сторители пред лицето на правдата е определба на секое демократско општество, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека МВР активно се вклучува во таа глобална борба против овие форми на кривични дела, кои преставуваат сериозна закана за човештвото, безбедноста и интегритетот на луѓето и заедниците.
Всушност со овој договор се воспоставува правна рамка за соработка меѓу надлежните органи при МВР и Секретаријатот на МКС на оперативно ниво, а околу конкретизирање на мерките за заштита и безбедносните активности, преку релокација на жртви, сведоци и други лица кои се изложени на ризик поради дадено сведочење во склоп на постапките во Судот.
„Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ја има воспоставено и ја практикува меѓународната соработка во областа на заштита на сведоци врз основ на договори за полициска соработка, договори за соработка во областа на заштита на сведоци или врз основ на реципроцитет. Досегашното полициско искуство со земјите кои имаат релоцирано лица на наша територија е исклучително позитивно, со доследно и максимално почитување на довербата, професионалноста и утврдените одредби од склучените договори. Убеден сум дека, со потпишувањето на овој договор, Одделението за жртви и сведоци при Меѓународниот кривичен суд ќе ја прошири својата соработка со нашата Единица за заштита на сведоци, ќе ги препознае и применува овие принципи на соработка во оваа исклучително специфична и чувствителна област на полициско работење“, потенцираше министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.

