Македонија
Шилегов на велосипедско дефиле низ Скопје по повод Денот без автомобили
Голем број граѓани на велосипеди се вклучија во големото велосипедско дефиле што денеска се возеше по улиците на Скопје, по повод Денот без автомобили – 22 септември и крајот на Европската недела на мобилност 2021. Дефилето во кое учествуваше и градоначалникот Петре Шилегов тргна од паркот „Ибни Пајко“ и се движеше низ градските улици до целта на Школката во Градскиот парк, каде што се одржа лотарија и музички хепенинг.
Градот Скопје годинава по 11-ти пат се придружи на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Во периодот од 16 до 22 септември во рамките на оваа недела се организираа низа настани – се одржаа повеќе онлајн работилници со ученици од основното и средното образование за промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност, а се организираа и повеќе активности за промоција на развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот која се зголемува во просек за околу 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во Скопје годинава надмина 110 километри, информираа од Град Скопје.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“, а во нејзиното одбележување се вклучија над 2.700 градови од над 50 држави од Европа и од светот.
Годинешната кампања организирана под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“ има за цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата со Ковид-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите кои произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза. Градовите низ светот воспоставија креативни одговори на пандемијата заради што оваа година Европската недела на мобилноста ја слави издржливоста на градовите и нивните достигнувања во обид да ја пребродат кризата што е можно побезболно, додаваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

