Македонија
Приведена очна лекарка од Куманово, која преку поткуп собрала 116.000 денари

Полициски службеници од Отсекот за економски криминал при СВР Куманово, утрово, во 7 часот, извршиле претрес во просториите на очното одделение при Општата болница во Куманово по претходно добиени сознанија за примање поткуп и злоупотреба на службената положба од страна на лекарката Е. С.
Како што информираат од МВР, освен во работните простории, со обезбедена судска наредба претрес бил извршен и во автомобил „опел астра“, паркиран во кругот на болницата.
При претресот во очното одделение на болницата од медицинската сестра биле одземени 18.000 денари, а при претрес во возилото, сопственост на лекарката Е. С., биле одземени речиси 98.000 денари.
Лекарката Е. С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово.
Имено, Е. С. се товари дека ја злоупотребила службената положба и овластувањето и примала поткуп од пациенти, т0ака што правела хируршки интервенции во службени простории на Општата болница во Куманово и за интервенциите противправно зела по 12.000 денари, иако пациентите биле здравствено осигурени преку ФЗО и за истата интервенција би требало да платат само партиципација, но партиципација не им била наплаќана.
Парите пациентите ѝ ги давале лично на пријавената непосредно пред да се изврши хируршката интервенција, а за што не добивале документ за платената услуга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсена сопругата на поранешниот јужнокорејски претседател

Сопругата на затворениот поранешен јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол, Ким Кеон Хи, е уапсена по низа сериозни обвиненија, вклучувајќи манипулација со акции и поткуп. Поранешната прва дама ги негираше сите обвиненија за време на четиричасовното судско рочиште во Сеул, но судот сепак издаде налог за притвор, наведувајќи го ризикот од уништување на доказите, објавува BBC.
Иако Јужна Кореја има долга историја на обвинувања и затворање на поранешни претседатели, ова е прв пат и поранешен претседател и поранешна прва дама да бидат зад решетки. Нејзиниот сопруг, Јун, беше приведен во јануари и чека судење за неговиот неуспешен обид да воведе вонредна состојба минатата година, потег што ја втурна земјата во хаос и на крајот доведе до негово соборување.
Обвинителите тврдат дека 52-годишната Ким заработила повеќе од 800 милиони вони (околу 578.000 долари) со учество во шема за фиксирање на цената на акциите на „Дојч Моторс“, јужнокорејскиот дилер на БМВ. Иако наводно се случило пред нејзиниот сопруг да стане претседател, аферата фрли сенка врз целиот негов мандат.
Таа е обвинета и за прифаќање на две чанти „Шанел“ и дијамантска огрлица како мито од контроверзната Црква за обединување во замена за деловни услуги. Меѓу другите обвиненија, Ким се обвинува и за влијание врз номинациите на кандидати за време на парламентарните дополнителни избори во 2022 година и општите избори минатата година.
Ким Кеон Хи се појави на сослушувањето со сериозен израз на лицето, облечена во црно одело. „Искрено се извинувам што предизвикав проблеми и покрај тоа што сум незначителна личност“, изјави таа кратко пред новинарите.
Додека беше на функцијата, нејзиниот сопруг Јун стави вето на три опозициски закони со кои ќе се бараше специјален обвинител да ги истражи обвинувањата против неговата сопруга. Последен пат стави вето на нив во ноември, само една недела пред да прогласи вонредна состојба. Специјалниот обвинител за случајот беше назначен во јуни оваа година, откако ривалот на Јун, Ли Џе Мјунг, ја презеде функцијата.
Македонија
ЦУК: Изгаснати 28, активни се три пожари

До 08:00 часот, на територијата на Македонија имаше вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои активни се три пожари, под контрола се два, а изгаснати се 28 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во Општина Македонски Брод, поточно во Јасен каде гори мешана шума, во Општина Сарај, поточно во Радуша кон с. Дворце каде гори ниска вегетација и во Општина Македонски Брод во село Крапа каде гори ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Под контрола се пожарите во во атар на с. Нерав, место викано Биљино и во село Челопеци.
ИЗГАСНАТИ: 28
1. Општина Чешиново-Облешево: с. Чешиново (ниска вегетација)
2. Општина Куманово 1: нас. „Дива населба“ во близина на салонот „ДУЛИ“ (ниска вегетација)
3. Општина Јегуновце 1: с. Прељубиште (ниска вегетација)
4. Општина Јегуновце 2: с. Јанчиште кај црквата (ниска вегетација)
5. Општина Јегуновце 3: с. Копанце (ниска вегетација)
6. Општина Јегуновце 4: с. Орашје (ниска вегетација)
7. Општина Јегуновце 5: с. Озорниште (дива депонија)
8. Општина Куманово 2: с. Оризаре (ниска вегетација)
9. Општина Куманово 3: с. Табановце (ниска вегетација)
10. Општина Липково: с. Никуштак (ниска вегетација и мешана шума)
11. Општина Радовиш: с. Прналија (ниска вегетација и меѓи)
12. Општина Ново Село: с. Старо Коњарево (ѓубриште)
13. Општина Долнени 1: с. Секирци (ниска вегетација и трски)
14. Општина Долнени 2: с. Пешталево (ниска вегетација и стрништа)
15. Општина Прилеп: с. Големо Коњари (ниска вегетација и стрништа)
16. Општина Кривогаштани: во атар на с. Обршани (ниска вегетација)
17. Општина Брвеница: потег од с. Теново кон месноста Света Недела (ниска вегетација и зимзелени дрва)
18. Општина Брвеница: с. Милетино (ниска вегетација)
19. Општина Струга 1: Струшко Поле (стрниште)
20. Општина Струга 2: с. Калишта (ниска вегетација)
21. Општина Гостивар 1: с. Градец (ниска вегетација)
22. Општина Гостивар 2: ул. ЈНА (дрвја)
23. Општина Гостивар 3: с. Мердита (дрвја)
24. Општина Врапчиште: с. Сенокос во правец кон с. Горјане (ливади)
25. Општина Велес: с. Црквино (ниска вегетација)
26. Општина Битола: с. Гопеш (ниска вегетација)
27. Општина Арачиново: с. Орланци (ниска вегетација и мешана шума)
28. Општина Сарај: с. Свиларе (ниска вегетација и мешана шума)
Македонија
Димова: Повеќе од пет години не сум директорка на несреќната институција, недолично е да се кажуваат лаги

Повеќе од пет години не сум директорка на оваа несреќна институција и сметам дека е недолично да се кажуваат лаги и полувистини само за да се манипулира јавноста. Од двата партиски штаба гледам дека се прави дефокус. Наместо да се зборува за актуелната в.д. директорка, темата повторно сум јас – Лидија Димова, иако од 2020 година немам никакво влијание во Агенцијата, вели поранешната директорка на „Еразмус“ по вчерашните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по изборот на новото раководство на институцијата.
„Токму јас во 2019 година поднесов пријава до Јавното обвинителство и до Европската комисија за злоупотреба на 2,2 милиони евра од програмата Еразмус+. Мојот наследник се погрижи таа да остане невидлива до 2023 година, се додека не дојде „честитката“ од ОЛАФ и можеби затоа партиските пресовите оперираат со 2023 и 2024 година, наместо со вистинската 2019-та. Додека јас бев разрешена набрзина, со апсурден изговор за „тренинг на магариња и финансирање фризерници“, кривичната пријава што ја поднесов се уште тлее во предистрага. Но, ОЛАФ постапи по мојата пријава и си поврати 2,2 милиони евра од македонскиот буџет. Само да потсетам, од ОЛАФ добив писмено известување дека ОЛАФ нема никакви наоди против мене! Лицата за коишто има наоди забрзано „напредуваат“ додека Обвинителството е во предистрага веќе 6 години“, пишува Димова.