Свет
Шестчасовни разговори меѓу руските и американските воени челници

Највисоките американски и руски воени претставници вчера одржаа шестчасовни разговори во Хелсинки, што беше нивна прва директна средба од 2019 година, во момент кога двете земји се прилагодуваат на повлекувањето на САД од Авганистан и доаѓањето на талибанците на власт.
Генералот Марк Мили, началник на Здружениот штаб на армијата на САД, и Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руската армија, обично не откриваат детали за нивните разговори, а изјавите на двете страни беа исклучително кратки.
Во соопштението на американската војска, во која е наведена должината, но не и конкретните точки на разговорите, се вели дека тие се однесувале на намалување на ризикот и оперативна координација за да се елиминира опасноста од инциденти меѓу страните.
Руската новинска агенција РИА објави дека разговорите биле посветени на намалување на ризикот.
САД и Русија честопати имаат конкурентни воени интереси во светот, на пример во Сирија каде што американските и руските војници дејствуваа многу блиску едени до други. Следните чекори на Вашингтон и Москва во Авганистан сè уште не се познати.
Американската војска е под притисок на Конгресот да ја зајакне својата антитерористичка стратегија за да одговори на опасностите од Авганистан по повлекувањето на САД и доаѓањето на талибанците на власт во август.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека ќе се потпира на операции од далечина, на пример од воени бази во други земји во регионот, за напад на групи како Ал каеда и Исламска држава во Авганистан.
Но, без војска на терен, не е јасно колку САД се способни да ги откријат и запрат терористичките планови. По 20 години војна, американските воени претставници немаат јасна слика за талибанците и предупредуваат за нивните врски со Ал каеда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.