Македонија
Ковачки: Шверцот на дрога со возила на МВР е институционализација на криминалот
Чекајќи го завршетокот на истрагата за трагедијата во болницата во Тетово, за конечно да видиме дали некој ќе заврши со лисици на раце, ни се случува повторно меѓународен скандал. Возило на МВР полно со дрога било запленето во Црна Гора. Ова веќе не е злоупотреба на службената должност, ова е институционализација на криминалот од најтежок вид, вели полковникот Драган Ковачки.
Според него, министерот Спасовски очигледно ќе релативизирал и ќе префрлал одговорност, на крај, како што вели, можеби ќе кажеле дека дрогата сама се ставила во возилото. Ковачки му порачува на Спасовски да не заборави дека од 2015 е министер (со мал прекин додека беше премиер).
„ Морална одговорност нема да бараме, знаеме дека тоа е несвојствено за функционерите на оваа гарнитура на СДСМ. Човек да се чуди како овие луѓе наоѓаат леснотија во неодговорноста! Нека си продолжат и тој, но и партискиот шеф на комисијата за безбедност (кој во моментов е државен секретар во МО), во работно време со службени возила да си тераат партиска кампања.
Ковачки вели дека премиерот продолжувал да дефокусира од катастрофата на економски и здравствен план во државата, па повторно ја спуштал летвичката за националните прашања.
„ Со ништо непредизвикан, премиерот продолжува со негаторските политики кон сопствената нација. Чинам дека е дојдено времето на човекот којшто се гордее дека в среда и в петок имал само по 3 часа, но сепак станал премиер, некој од неговите да му укаже дека треба да биде внимателен кога зборува на темите историја и иднина. Оти, ниту историјата ја познава, а ниту гледа каква небиднина ни носи со неговите неодмерени изјави.
Според Заев, дел од нашите предци биле соработници-колаборационисти со фашистичкиот режим и затоа не можело да се генерализира дека сите (како народ) во Втора светска војна сме биле на вистинската страна. Демек пола од нашите биле предавници, а пола борци-херои. Апсурд!
Откако ги избришаа одлуките на АСНОМ од Уставот, а видовме дека не им помина ниту фингерајката со нон-пејперот во којшто не нарекоа бугаро-македонци, сега Заев и другарите решиле да извадат нов трик од ракавот. Ќе бидеме пола наши, пола нивни.
Јавноста не слушна никој од раководството на СДСМ да се огради од овие изјави на нивниот премиер и лидер што доби 100 посто поддршка на султан-конгресот, а тоа не го направи дури ни Шекеринска од скопското крило. Да, истото скопско крило што ги кршеше канцелариите на Град Скопје токму поради ‘заштита на македонштината’, сега молчи. Зошто?“ напиша Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

