Македонија
(Видео) Димитров: Дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на прес-конференција го претстави проектот за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, што ќе се спроведува под координација на Секретаријатот за европски прашања со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој. На прес-конференцијата вицепремиерот Димитров и претставничката на Естонскиот центар за меѓународен развој, Кадри Масик, потпишаа Меморандум за соработка за проектот.
Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од двете земји и ја нагласи важноста на трилатералното партнерство во област како што е дигитализацијата, што ќе придонесе за напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија и зацврстување на заемната соработка со земја членка на ЕУ и САД како стратешки партнер.
„Со овој проект се воспоставува модел за соработка и во други области преку зајакнување на врската меѓу Естонија како земја членка и Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ; врска која всушност ќе добие една нова димензија преку менторство, а под покровителство на САД како заеднички пријател и важен стратешки партнер. Токму партнерството и менторството е суштината на овој проект – естонското искуство во оваа област е извонредно и пред нас е можност да учиме од земја која во светски рамки важи за предводник на процесите на дигитализацијата“, нагласи Димитров.
Тој ја истакна и важноста на процесот на дигитализација во контекст на европеизацијата на Северна Македонија.
„Особено е важно што најавената соработка со земји членки на ЕУ за носење на европските вредности дома започнува токму во областа на дигитализацијата, бидејќи создавањето успешна дигитална приказна во Северна Македонија е предуслов за напредок и во други клучни области како што е борбата против корупцијата, транспарентноста и доброто управување. Дигитализацијата одамна не е само опција, туку неопходна потреба за зголемување на приспособливоста кон современите предизвици и промените. Тоа не е само нашата иднина, туку е и нашата сегашност бидејќи дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој“, додаде Димитров.
На прес-конференцијата се обратија и амбасадорките на САД и на Естонија во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, и Кристи Карелсон, коишто се надоврзаа на потенцијалот на воспоставената соработка за постигнување видливи резултати во реформските процеси во Северна Македонија и на важноста од споделување на најдобрите практики и стекнатите искуства во процесите на трансформација.
„Оваа соработка е пример за продуктивните односи што се развиваат кога партнерите кои се на иста линија ги прифаќаат истите основни вредности и работат кон постигнување заедничка цел. Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области“, нагласи амбасадорката Брнз.
„Естонија е светски етаблиран лидер во дигитализацијата, особено во е-управувањето што го гледаме како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните. Секогаш сме среќни да го споделиме нашето искуство за тоа што и како сме постигнале, но исто така – што можеше да се направи поинаку. Затоа, ние сме среќни што Владата на Северна Македонија ја покани Естонија да соработува во овој проект и благодарни сме на Амбасадата на САД за нивната драгоцена поддршка. Се надеваме дека ова е само почеток за долгорочна соработка меѓу Естонија и Северна Македонија, што дефинитивно ќе биде од корист за сите актери“, заклучи амбасадорката Карелсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.
Македонија
СДСМ за Груби: Режирана претстава на границата, фалеше само црвен килим
На граѓаните им веќе јасно и знаат сè. Разоткриенo е секое делче од договореното сценарио и политичките дилови со кои се урна правата држава. Режирана претстава на границата. Со наочари, насмевка, лисици. Фалеше уште црвен килим за Груби, велат од СДСМ преку соопштение.
„Смислено сценарио и пречек со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола ВМРО преку Орбан.
Потоа крешендо со одредување куќен притвор од обвинителството и сдуството под контрола на ВМРО-ОКГ.
И на крај целосно разобличување.
Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор.
Излезе директорот на затворот Шутка, го демантираше Обвинителството. Јавно рече дека ниту МВР ниту АНБ не се обратиле и не побарале мислење.
Нема подобра потврда од ова дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже.
Сè е договорено.
Можеби ваквите сценарија им поминуваа со години наназад, но повеќе не поминуваат – разоткриени се“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.

